Трамп вчера ја „почести“ Кина со царини од 50%, Кина денеска му возвраќа  со ист подарок – сега кинеската стока се царини со 104%, а американската со 84%

1131

Ако САД навистина сакаат да ги решат проблемите преку дијалог и преговори, треба да заземат позиција на еднаквост, почитување и заемна корист. Кина ќе продолжи да презема решителни и ефективни мерки за да ги заштити своите права и интереси, е пораката од Кина. -Овие земји ме викаат, ми го бакнуваат задникот. Умираат од желба да се договориме. Ве молам, ве молам господине, договорете се. Сè ќе направам, рече Трамп пред новинарите, имитирајќи го однесувањето на земјите кои барале да се договорат околу воведените царини. „По ѓаволите, знам што правам, јас сум единствениот кој би вовел царини бидејќи сите се плашеа. Се плашеа од критики“, рече тој додавајќи дека 70 земји побарале преговори за царините

 

Вчераутро светот се разбуди со реализираната закана на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги зголеми царините. САД воведе универзална царина од 10 насто на увоз на стока од речиси сите земји, а некои држави, особено оние кои имаат суфицит со САД добија дополнителни царини од 11 до дури 50 проценти. Новата американска тарифна политика најтешко ја погоди Кина, која доби дополнителни 50 проценти, со што царинското оптоварување на стоката од таа земја што влегува во САД достигна неверојатни 104 проценти. И земјите на Европската Унија се многу погодени. По првичните 25 проценти од минатиот месец, вчера добија уште 20 проценти царина.

Кина најави дека денеска ќе воведе реципрочна царина на производите од Америка од 50 проценти, со што оптоварувањето би изнесувало 84 проценти. Вчера изутрина се огласи портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, кој рече дека САД продолжуваат да ги злоупотребуваат царините за да вршат притисок врз Кина, „на што Кина цврсто се противи и никогаш нема да го прифати овој облик на насилничко однесување.“

-Ако САД навистина сакаат да ги решат проблемите преку дијалог и преговори, треба да заземат позиција на еднаквост, почитување и взаемна корист. Кина ќе продолжи да презема решителни и ефективни мерки за да ги заштити своите права и интереси, порача Лин.

На прес конференцијата тој го осуди и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој во минатонеделното интервју за „Фокс њуз“во минатонеделното интервју за „Фокс њуз“ ги нарече Кинезите „селани“

-Да биде појасно, позајмуваме пари од кинески селани за да купиме работи што тие кинески селани ги произведуваат – рече Ди Венс.

За оваа изјава Џијан рече дека е „шокантно и тажно да се слуша како потпретседателот на САД дава такви неуки и непочитувани забелешки“.

Зборовите на вториот човек на САД ги вжештија и социјалните мрежи во Кина каде беа регистрирани 140 милиони прегледи. „Можеби сме селани, но го имаме најдобриот брз железнички систем во светот, најмоќните логистички способности и водечката вештачка интелигенција, автономното возење и технологијата со беспилотни летала. Зарем таквите селани не се прилично импресивни?“, напишал еден корисник на кинеската платформа „Веибо“, која е пандан на Фејсбук.

Трамп вчера на настан во Белата куќа се пофали дека од царините дневно се инкасираат по две милијарди долари. Но, според податоците од Министерството за финансии за цел февруари биле обезбедени 7,25 милијарди долари од царини, а во просек дневно досега се собирале по 200 милиони долари. На истиот настан тој рече дека наскоро ќе најави големи царини и на увоз на фармацевтски производи за да ги поттикне компаниите да го преселат производството во САД.

Од Белата куќа информираа дека дури 70 земји изразиле желба да се договорат околу царините.

-Овие земји ме викаат, ми го бакнуваат задникот. Умираат од желба да се договориме. Ве молам, ве молам господине, договорете се. Сè ќе направам, рече Трамп пред новинарите имитирајќи го однесувањето на земјите. „По ѓаволите, знам што правам, јас сум единствениот кој би вовел царини бидејќи сите се плашеа. Се плашеа од критики“, додаде тој.

И Европската унија бара да преговара, иако во текот на вчерашниот ден имаше состанок за утврдување противмерки, но не на вчерашните, туку на претходните царини што и ги воведе САД. Планот за кој се расправаше предвидува трифазно воведување царини за стоката од САД, со што првата би почнала на 15 април за да се остави простор за евентуални преговори. Во таа фаза реципрочна царина од 25% би се вовела за увозот на мотоцикли, луксузни бродови и сок од портокал. Во втората фаза од средината на мај планирани се царини на текстил, производи од кожа, јајца, забен конец и живина, а во третата од декември и на соини производи и на бадеми. За вчера воведените царини ЕК подготвува дополнителни противмерки кои можат да бидат соопштени уште наредната недела.

Како реакција на тарифните мерки на Трамп вртоглаво паѓа вредноста на акциите на светските берзи, а надолу оди и вредноста на доларот.

ИЗДВОЕНИ