Трамп: Утре ќе издадам наредба за продолжување на рокот за „ТикТок“

65
Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави денеска дека планира утре да издаде извршна наредба со која на кинеската матична компанија на платформата „ТикТок“ ќе и даде повеќе време да најде купувач пред таа трајно да биде забранета во САД.

„На тој начин ќе можеме да постигнеме договор за заштита на нашата национална безбедност“, рече Трамп, додавајќи дека би сакал САД да имаат 50 отсто сопственички удел во заедничка платформа со сегашните или новите сопственици.

„Вака ќе го спасиме „ТикТок“, ќе го чуваме во добри раце и ќе му дозволиме слободно да се изразува. Без американско одобрение, не постои „ТикТок“. Со наше одобрение, тој вреди стотици милијарди, можеби трилиони долари, напиша тој.

Трамп го објави ова на својата социјална мрежа Truth Social, откако милиони корисници на „ТикТок“ во САД денеска дознаа дека повеќе не можат да пристапат до апликацијата или платформата, објави АП.

На истата мрежа, тој рече дека „ТикТок“ треба да се спаси, откако платформата престана да работи во САД во саботата навечер.

Според законот усвоен од американскиот Конгрес и потпишан од претседателот Џозеф Бајден минатата година, кинеската матична компанија на „ТикТок“ има девет месеци да го продаде своето работење во САД на одобрен купувач.

Според тој закон, актуелниот претседател би можел да одобри продолжување на рокот, а Трамп вчера изјави дека најверојатната опција што ја разгледува ќе биде продолжување за 90 дена.

„ТикТок“ исчезна синоќа од продавниците за апликации на „Епл“ и „Гугл“, објави Ројтерс.

„Забраната на „ТикТок“ е усвоена во САД. За жал, ова значи дека засега не можете да го користите „ТикТок“. Среќни сме што Трамп посочи дека ќе работи со нас на решение за враќање на „ТикТок“ кога ќе ја преземе функцијата“, се наведува во пораката на апликацијата, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ