Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот договор да не ја нападне цела Украина претставува „прилично голема отстапка“ од страна на Москва, пренесува Хина.
За време на вчерашниот состанок во Белата куќа со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, еден новинар го праша Трамп какви отстапки понуди Русија за постигнување мировен договор со Киев.
„Запирање на војната, запирање на освојувањето на целата земја“, одговори Трамп.
Американскиот претседател рече дека е уверен оти наскоро ќе биде постигнат мировен договор.
Трамп вчера изјави и дека САД вршат голем притисок врз Русија да постигне договор, без да наведе детали.
„Немате поим каков притисок вршам… Вршиме голем притисок. Вршиме голем притисок врз Русија, а Русија го знае тоа“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
Тој подоцна додаде дека Вашингтон врши притисок и врз Украина да постигне мировен договор.