Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше одлуката на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден да го помилува својот син Хантер Бајден, оценувајќи ја одлуката како „злоупотреба и погрешна одлука“.
Доналд Трамп ја спореди оваа одлука на Бајден со одлуката во која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.
„Дали помилувањето на Џо Бајден за Хантер ги вклучува и заложниците Ј-6, кои сега се затворени со години? Каква злоупотреба и погрешна одлука“, навел Трамп, а пренесува американски ABC News.
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден претходно објави дека го помилувал својот син Хантер, кој чекаше казна во случаите на нелегално поседување огнено оружје и затајување данок.
„Ниту еден разумен човек кој ги гледа фактите за случаите Хантер не може да дојде до друг заклучок освен овој – Хантер беше издвоен само затоа што тој е мој син, и тоа е погрешно“, рече Бајден доцна синоќа, мислејќи на „правосудна грешка“.
Сепак, американскиот претседател во заминување во неколку наврати изјави дека нема да даде претседателско помилување на неговиот син.