Трамп сака да ја исчисти Газа од Палестинци и да изгради ривиера „за луѓе од светот“

19

Трамп, кој го објави планот за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот, предизвика контроверзии, сугерирајќи дека Палестинците ќе бидат „задоволни што ќе ја напуштат“ Газа и ги поттикна стравувањата дека тој ќе поддржи кампања за етничко чистење. Хамас веднаш објави соопштение како одговор на Трамп, велејќи дека неговите планови се рецепт за хаос и тензии во регионот

 

Претседателот Доналд Трамп рече дека сака Соединетите Американски Држави (САД) да го преземат воено разурнатиот Појас Газа откако Палестинците ќе бидат раселени во соседните земји и да ја развијат територијата, да изградат ривиера каде би жувееле „луѓе од светот“, пренесе „Ал Џазира Балканс“.

Трамп го повтори својот план за време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој во вторникот ја посети Белата куќа на билатерален состанок со претседателот. Трамп предизвика контроверзии, сугерирајќи дека Палестинците ќе бидат „задоволни што ќе ја напуштат“ Газа,  поттикнувајќи ги стравувањата дека тој ќе поддржи кампања за етничко чистење.

Хамас веднаш објави соопштение како одговор на Трамп, велејќи дека неговите планови се рецепт за хаос и тензии во регионот.

-Нашите луѓе во Појасот Газа нема да дозволат да се спроведат овие планови, рекоа од Хамас.

Но, поранешниот израелски министер за јавна безбедност, Итамар Бен Гвир, ја пофали идејата на Трамп за преселување на Палестинците од Газа, нарекувајќи ја „единствено решение“ и вчера апелираше до Нетанјаху веднаш да ја прифати. Според него, охрабрувањето на Палестинците да мигрираат од Газа е единствената правилна стратегија по војната меѓу Израел и палестинската група Хамас, објави Ројтерс.

На изјавата на Трамп дека планира раселување на Палестинците вчера имаше лавина негативни реакции од голем број земји во светот.

Идејата на Трамп за раселување на Палестинците е стара, а ја обнови и пред седум дена, една недела откако стапи на сила договорот за прекинот на огнот во Газа. На прес-конференција во Белата куќа тогаш рече дека би сакал да ги однесе Палестинците на подрачје каде што би можеле да живеат без вознемирување, буни и насилства. Како што пренесе агенцијата Анадолу, Трамп тогаш рече дека за контроверзниот предлог Палестинците да се населат во Египет и Јордан разговарал и со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.

– Кога ќе го погледнете Појасот Газа, тоа е пекол толку години. Имало разни цивилизации на тоа подрачје. Не почнало тука. Почна илјадници години претходно и секогаш во врска со тоа имало насилства. Би можеле да ги однесеме тие луѓе да живеат во подрачја кои се многу посигурни и можеби многу подобри, а можеби и многу поудобни, рече Трамп.

Но, властите на Палестина, Јордан и Египет категорички го отфрлија тој предлог. Се спротивставуваат и Арапската лига, Словенија, Германија, Велика Британија и Шпанија, кои порачаа дека Палестинците имаат право да се вратат и дека сите досегашни обиди да ги искоренат од нивната територија биле неуспешни.

Средбата со Нетанјаху беше прва средба на Трамп со странски државник по преземањето на функцијата претседател. Додека се одржуваше во Вашингтон се собраа демонстранти за да ја осудат посетата на Нетанјаху, обвинувајќи го Трамп дека поканил „воен злосторник“ во Белата куќа.

Повеќе од 61.700 луѓе се убиени во израелската војна против Газа, според ревидираниот извештај на Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа, кој вели дека илјадници исчезнати сега се претпоставува дека се мртви. Најмалку 1.139 луѓе беа убиени во Израел за време на нападите предводени од Хамас, на 7 октомври 2023 година, а повеќе од 200 беа заробени.

ИЗДВОЕНИ