Трамп: Преговорите за решавање на конфликтот во Украина „можеби се одвиваат добро“

291

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите за решавање на конфликтот во Украина „можеби се одвиваат добро“. Трамп им изјави вечерва на новинарите на Air Force One, пренесе „Ројтерс“.

Трамп синоќа ги продолжи санкциите против Русија за уште една година. Американскиот државен секретар Марко Рубио на почетокот на април изјави дека американскиот Конгрес веќе почнал да работи на нацрт-законот за санкции против Русија што ќе бидат воведени доколку Москва одлучи да ја продолжи војната против Украина. Рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф во петокот во Санкт Петербург разговараа за условите за постигнување мир во Украина, соопшти Кремљ.

Во соопштението се наведува дека средбата меѓу Путин и Виткоф во зградата на претседателската библиотека во Санкт Петербург траела околу 4,5 часа, пренесе РИА Новости.

Белата куќа соопшти дека посетата на Виткоф на Русија е уште еден чекор кон прекин на огнот во Украина што треба да доведе до мировен договор.

Во исто време, Ројтерс објави, цитирајќи американски официјални претставници, дека Виткоф му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп по состанокот со извршниот директор на рускиот Фонд за директни инвестиции (РФИФ) Кирил Дмитриев минатата недела дека најбрзиот начин да се постигне прекин на огнот во Украина ќе биде признавањето на руската контрола врз четири нови региони, пренесува Танјуг.

Официјални лица рекоа дека специјалниот пратеник на американскиот претседател, Кит Келог, се изјаснил против тезата на Виткоф на состанокот.

Келог посочи дека Украина нема да се откаже од своите претензии за нејзините територии на кои Русија ја презеде контролата, рекоа американски официјални претставници, истакнувајќи дека состанокот заврши без Трамп да донесе одлука за промена на американската стратегија.

ИЗДВОЕНИ