Трамп повторно влегува во Белата куќа – Меланија прва дама по втор пат

Голем камбек на Доналд Трамп во Белата куќа. И покрај сите афери за него и двата обиди за атентати, републиканскиот кандидат се издигна над неговата противкандидатка од демократите Камала Харис и прогласи победа на американските претседателски избори, по изборната победа во сојузната држава Висконсин, со што доби 10 електорски гласови и освои вкупно 277, надминувајќи ја бојката од потребните 270. Во победничкиот говор тој вети „златната доба“ на Америка. Трамп, кој беше и 45. претседател на најмоќната држава во светот, со оваа победа како 47. претседател на САД, тој успеа да стане првиот американски лидер по 132 години кој успеал да се врати на власт и покрај поразот и четирите години надвор од Белата куќа. Овој пат, Трамп го освои и „народниот глас“, а не само мнозинство од електорските гласови, како во 2016 година. Трамп вети „златна доба“ за САД, а неговиот потпретседателски кандидат Џеј Ди Венс по „историското политичко враќање“ најави и „историски економски камбек“

204

Голем камбек на Доналд Трамп во Белата куќа. И покрај сите афери за него и двата обида за атентат, републиканскиот кандидат се издигна над неговата противкандидатка од демократите, Камала Харис, и прогласи победа на американските претседателски избори, по изборната победа во сојузната држава Висконсин, со што доби 10 електорски гласови и освои вкупно 277, надминувајќи ја бојката од потребните 270. Трамп, кој беше и 45. претседател на најмоќната држава во светот, со оваа победа како 47 претседател на САД, тој успеа да стане првиот американски лидер по 132 години кој успеал да се врати на власт и покрај поразот и четирите години надвор од Белата куќа. Овој пат, Трамп го освои и гласот на народот, а не само мнозинство од електорските гласови, за разлика од 2016 година кога на изборите победи преку Изборниот колеџ, но го загуби „народниот глас“ од Хилари Клинтон, која имаше околу 2,9 милиони гласови повеќе. И во 2020 година, тој освои помалку гласови од Џо Бајден, додека сега освои речиси 5 милиони гласови повеќе од Камала Харис, на сè уште не конечни резултати. Трамп вети „златно доба“ за САД, а неговиот потпретседателски кандидат Џеј Ди Венс по „историското политичко враќање“ најави и „историски економски камбек“.

Крај на војната во Украина?!

Според најавите од кампањата, клучен фокус на надворешната политика во новата администрација на Трамп ќе бидат односите меѓу Соединетите Држави и Кина, вклучително и теми како што се трговијата, Тајван и активностите на Кина во Јужното Кинеско Море. Трамп рече и дека експресно ќе ја заврши војната во Украина.

Доналд Трамп им се обрати на симпатизерите во сојузната држава Флорида, додека неговата конкурентка Камала Харис го откажа обраќањето планирано во кампусот на универзитетот Ховард во Вашингтон во изборната ноќ, туку беше најавено дека ќе се обрати подоцна во текот на денот.  Републиканецот го одржа својот победнички говор уште во ситуација кога беа пребројани вкупно 267 електорски гласови за него, од потребните 270 за победа. Во тој момент Харис имаше освоено 214 електорски гласови.

-Ова е величествена победа за американскиот народ што ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка силна. Имаме земја на која ѝ треба помош, а помош ѝ треба многу. Ќе ги поправиме нашите граници и ќе поправиме сè за нашата земја, Ќе ѝ помогнеме на нашата земја да заздрави. Америка ни даде моќен и мандат без преседан. Ја вративме контролата врз Сенатот – тоа е добро. И трките во Сенатот во Монтана, Невада, Тексас, Охајо, Мичиген, Висконсин, големиот Комонвелт на Пенсилванија, сите беа освоени од движењето МАГА (Make America Great Again). Бројот на победи во Сенатот беше апсолутно неверојатен, рече Трамп, ветувајќи им на Американците дека секој ден ќе се бори за нив и дека ќе ја почне „златната доба“ на Америка.

Тој му се заблагодари на американскиот народ за „извонредната чест да биде избран за 47. претседател и 45. претседател“.

– Ќе се борам за вас, за вашето семејство и за вашата иднина секој ден. Ќе се борам за вас со секој здив во моето тело. Нема да мирувам додека не ја испорачаме силната, безбедна и просперитетна Америка каква што заслужуваат нашите деца и каква што заслужувате вие. Ова навистина ќе биде златната доба на Америка, им рече тој на своите поддржувачи во Флорида и додаде дека „Бог со причина го поштедил неговиот живот“.

Републиканскиот кандидат за потпретседател Џеј Ди Венс му се заблагодари на Трамп за „довербата што му ја даде“.

– Мислам дека штотуку бевме сведоци на најголемото политичко враќање во историјата на Соединетите Американски Држави, рече Венс, иако неколку држави сè уште во тој момент ги броеја гласовите.

Тој вети дека тој и Трамп сега ќе го „водат најголемото економско враќање во американската историја“.

Од тимот на Харис кратко изјавија дека има уште гласови за броење.

-Имаме уште гласови за броење. Имаме уште држави кои се уште не се готови. Ќе продолжиме во текот на ноќта да следиме за да се осигуриме дека секој глас ќе се брои, дека секој глас ќе биде избројан, порачаа од изборниот штаб на Харис.

На претседателските кандидати им беше лесно да прогласат победа во државите каде нивните партии традиционално имаат поддршка. Но, ситуацијата традиционално ја решаваат седум таканаречени колебливи држави, кои не секогаш гласаат  за републиканец или демократ, туку се водат од понудата и ситуацијата. Пет од тие држави – Мичиген, Висконсин, Невада, Аризона и Пенсилванија кога Трамп ја прогласуваше победата се уште ги немаа објавено резултатите.  Останатите две –  Џорџија и Северна Каролина се изјаснија за него. Правилата за пребројување на гласовите од држава до држава се различни и во некои држави броењео може да трае подолго, додека пак некои пребројуваа уште за време на предвременото гласање.

На последните избори, во 2020 година, претседателот Џо Бајден беше прогласен за победник дури четири дена по денот на изборите, кога резултатите за државата Пенсилванија му дадоа повеќе од 270 електорски гласови (од 538) неопходни за победа. Она што вчера беше извесно е дека во Конгресот, Републиканската партија ја презеде контролата врз Конгресот, каде што партијата го врати мнозинството во Сенатот со најмалку 51 од 100 места.

Честитки од светските лидери

Светските лидери му честитаа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп откако проекциите на американските медиуми покажаа дека тој е на пат да обезбеди одлучувачка победа на претседателските избори во САД во 2024 година.

-Подготвен сум да работиме заедно, како што правевме четири години. Со твоите и моите убедувања, со почит и амбиција. За повеќе мир и напредок, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на својот профил на мрежата „Икс“.

Британскиот премиер Кир Стармер во својата честитка истакна дека односите меѓу Велика Британија и САД ќе продолжат успешно да се развиваат, истакнувајќи дека „со нетрпение очекува соработка со Трамп во наредните години“.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во својата честитка напиша дека Италија и САД се „сестрински земји“.

-Во мое лично име и во име на италијанската влада, искрено му честитам на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Италија и САД се сестрински нации, поврзани со непоколебливи односи, меѓусебни односи и историско пријателство. Тоа е стратешки однос, кој сигурна сум дека ќе го зајакнеме“, наведе Мелони на платформата „Икс“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“ му посака „топли честитки“ на Трамп.

-ЕУ и САД се повеќе од обични сојузници. Ние сме обврзани со партнерството на нашите народи, кои сочинуваат 800 милиони граѓани. Ајде да работиме заедно на силна трансатлантска агенда која ќе работи за нив, напиша таа на мрежата „Икс“.

-Најголемото враќање во политичката историја на САД! Честитки до претседателот Доналд Трамп за огромната победа. Многу потребна победа за светот, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

На Трамп му честиташе и австрискиот канцелар Карл Нехамер, кој рече дека САД се важен стратешки партнер на Австрија.

-Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување и зајакнување на нашите трансатлантски односи и успешно справување со глобалните предизвици заедно, напиша Нехамер на „Икс“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека Трамп кога ќе ја преземе функцијата, ќе биде пречекан од „посилна, поширока и поуникатна Алијанса“.

-Неговото лидерство ќе биде клучно за зајакнување на Алијансата. Со нетрпение очекувам повторно да соработувам со него за да го промовираме мирот преку силата на НАТО, рече Руте.

„Историската победа“ ја честитаа и премиерите на Романија и Полска, Марсел Чолаку и Петр Фијала.

Доналд Трамп беше на претседателската функција од 2017 до 2021 година, но беше поразен од Џо Бајден на изборите во 2020 година, резултати што Трамп не ги признаваше и тоа доведе до напад од страна на толпа негови поддржувачи на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година. На крајот на 2019 година, против Трамп беше покрената постапка за импичмент, што го прави трет претседател во историјата на САД кој се соочил со таква постапка.

Старо-новиот американски претседател треба да биде инаугуриран за неговиот четиригодишен мандат на 20 јануари, идната година.