Трамп потпиша десетици извршни одредби: САД излегуваат од СЗО и од Парискиот климатски договор, признаваат само машки и женски пол, ќе пратат ракета на Марс…

267

Со потписите што Трамп ги стави неколку часа по инаугурацијата, меѓу другото се воведува вонредна состојба на границата со Мексико, се овозможува дупчење нафта и гас на Алјаска, се помилуваат 1.500. лица обвинети за упадот во Капитол хол. Во областа на економијата, Трамп нареди итни олеснувања за цените во САД, преку намалување на регулативите и климатските политики, намалување на трошоците за домување и друго, а најави и поголемо оданочување на странските земји. Новиот претседател поништи вкупно 78 одредби донесени од претходникот Бајден

 

Само што новиот американски претседател Доналд Трамп опкружен со технолошките тајкуни положи заклетва ветувајќи дека почнува златното доба на Америка, од сајтот на американската Агенција за царини и погранична заштита се појави известување дека веќе не е достапна апликацијата преку која имигрантите аплицираа за влез во САД преку осум гранични премини со Мексико.

Ова беше првото нешто што го направи новиот, 47.  американски претседател откако во понеделникот го почна својот втор претседателски мандат. Неколку часа по инаугурацијата тој потпиша десетици извршни одредби со кои најави дека во сите пори на американското општество веќе ништо нема да биде како досега. Извршните одредби се инструмент кој му овозможува на американскиот претседател да презема активности без одобрение од Сенатот и Конгресот. Со потписите на Трамп ставени веднаш по инаугурацијата, САД се повлекуваат од Светската здравствена организација со објаснување дека погрешно се справила со ковид-пандемијата, излегуваат од Парискиот климатски договор, се воведува вонредна состојба на границата со Мексико за да се спречи илегалната имиграција, се овозможува дупчење нафта и гас на Алјаска, што беше забрането од администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден, во Америка се признаваат само два пола – машки и женски, се помилуваат 1.500 лица обвинети за упадот во Капитол хол, кога Трамп изгуби на претходните претседателски избори во 2021 година, кои вчера почнаа да излегуваат од затворите…

Извршната одредба за прогласување на национална вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико не ги засега само илегалците, туку ги таргетира и државјанствата на децата родени во САД, чии родители влегле илегално во земјата. Исто така, со таа одредба криминалните картели добиваат статус на терористички организации.

Тоа што се правело во времето на Бајден веќе не важи. Трамп во првите часови од новиот претседателски мандат поништи 78 негови извршни одредби. Со една од одредбите се забрануваат нови вработувања во владата и се укинува работата од дома за вработените во владините агенции. Укинати се старите извршни наредби за трансродова различност, а една од нив се однесува на борбата против дискриминацијата на хомосексуалците и на трансродовите лица. Исто така се утврдува половите да се дефинираат според тоа дали луѓето се родени со јајце-клетки или со сперматозоиди, наместо според структурата на нивните хромозоми.

Во областа на економијата Трамп нареди итни олеснувања за цените во САД, преку намалување на регулативите и климатските политики, намалување на трошоците за домување и друго.

-Во текот на изминатите четири години, деструктивните политики на администрацијата на Бајден му нанесоа историска инфлациска криза на американскиот народ, се вели во наредбата.

Со една од извршните одредби се создава основа за формирање на Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ), чија цел е значително намалување на владините трошоци, на чело со Илон Маск, кој меѓу другото најави намалување на три четвртини од работните места во владините агенции.

Во својот говор Трамп прогласи Вонредна енергетска состојба на национално ниво, ветувајќи дека ќе ги пополни националните резерви на нафта, како и дека ќе извезува американска енергија низ целиот свет. Забраната за Тик-ток со која претходно се закануваше, ја одложи на 75 дена „за да се даде можност за американско сопствеништво“. Сепак, не сите извршни наредби на Трамп можат да се спроведат веднаш, велат експертите. На пример, повлекувањето од Светската здравствена организација ќе потрае една година.

-Од овој ден натаму, нашата земја повторно ќе процвета и ќе биде почитувана низ целиот свет, рече Трамп на церемонијата на инаугурација во американскиот Конгрес, ветувајќи дека ќе ја направи Америка повторно богата.

Поради ниските температури наместо на отворено, инаугуративната церемонија се одржа во затворен простор. Неговите најави за извршните одредби, што подоцна ги потпиша, присутните во салата на Конгресот ги проследија со овации, особено онаа за прогласување вонредна состојба на границата со Мексико која Трамп ја објасни со податокот дека илегалците кои влегуваат во САД доаѓаат од затвори и ментални установи. Овации се слушнаа и по изјавата на Трамп дека Бог го спасил за да ја направи Америка повторно голема, која се однесуваше на минатогодишните обиди за атентат врз него. Меѓу другото, новиот американски претседател објави дека за време на неговиот мандат, САД ќе испратат свои астронаути на планетата Марс. Најави и дека ќе почне оданочување на странските земји за да се збогатат американските семејства и дека ќе се формира агенција за странски приходи. Информира дека американските вооружени сили ќе бидат фокусирани на тоа да ги поразат американските непријатели и потенцира дека сака да биде запаметен како миротворец и обединувач.

Пред претседателот Трамп, свечена заклетва даде потпретседателот Џејмс Дејвид Венс.

По инаугурацијата Трамп доби честитки од претходникот Бајден и неговата противкандидатка Камала Харис. Додека тие седеа покрај него, Трамп не се воздржа да ја критикува нивната политика, па рече дека добил мандат на изборите „целосно да го повлече страшното предавство“ и „да му ја врати на народот верата, неговото богатство, демократијата и слободата“.

-Од овој момент, падот на Америка е завршен, рече тој во својот говор на церемонијата за инаугурација, на која беше придружуван од својата сопруга Меланија и децата.

Вчера, пак,  се случи првото назначување во новата американска администрација. Сенатот едногласно го потврди републиканскиот сенатор Марко Рубио за државен секретар на претседателот Трамп. Рубио важи за остар критичар на Кина и цврст поддржувач на Израел.

ИЗДВОЕНИ