Трамп: „Посветен сум да ја купам Газа, никој нема да ме одврати од тоа, ќе биде убавa“

938
EPA-EFE/Mohammed Badra

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е посветен на „купување и преземање“ на Газа и дека другите земји од Блискиот Исток би можеле да помогнат во нејзината обнова.

„Посветен сум да ја купам Газа, никој нема да ме одврати од неа, ќе биде убава. Што се однесува до нејзината обнова, можеби ќе им препуштиме на другите држави на Блискиот Исток да обноват делови од регионот разурнат од војна“, им рече Трамп на новинарите на „Ер Форс 1“ додека патуваше до Суперболот во Њу Орлеанс во неделата.

„Други би можеле да го направат тоа под наш надзор. Но, ние сме посветени да ја преземеме, да ја контролираме и да се погрижиме Хамас да не се врати. Таму веќе нема ништо во што може да се вратат. Тоа место е руина, а останатото ќе биде срамнето“, додаде тој.

Трамп ја опиша Газа како „најопасното место за живеење во светот“, но рече дека ќе се трансформира во „одлично место за иден развој“.

„Ќе дозволиме другите земји да развијат делови од него. Ќе биде убаво. Луѓето од целиот свет ќе можат да дојдат и да живеат таму“, рече тој.

„Но, ние ќе се погрижиме за Палестинците. Ќе се погрижиме да живеат убаво, во хармонија и мир и никој да не ги убива“, додаде Трамп.

Трамп првпат го објави својот план за преземање на Газа пред речиси една недела, по состанокот во Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Земјите како Јордан, Саудиска Арабија, Франција, Шпанија, Ирска, Германија, Турција, Иран и Бразил изразија противење на какво било принудно раселување. Австралија, Русија и Кина нагласија дека решението е во формирањето на две држави. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека „од суштинско значење е да се избегне каква било форма на етничко чистење“.

ИЗДВОЕНИ