Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на социјалната мрежа „Вистина“ за да се осврне на контроверзната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што наведе Трамп, Зеленски се појави на насловната страница на Волстрит журнал со изјава дека „Украина никогаш нема законски да ја признае окупацијата на Крим. Нема што да се разговара“.
Трамп рече дека оваа изјава им штети на мировните преговори со Русија.
„Украинскиот претседател Володимир Зеленски се пофали на насловната страница на Wall Street Journal: „Украина нема законски да ја признае окупацијата на Крим. Нема што да се разговара“. Оваа изјава сериозно им штети на мировните преговори со Русија, бидејќи Крим беше изгубен пред многу години, кога Барак Хусеин Обама беше претседател на САД, а денес не е ни предмет на дискусија. Никој не бара од Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако го сака назад – зошто не го бранеа пред единаесет години, кога и беше предаден на Русија без испукан куршум? Имаше големи руски подморнички бази во таа област со години пред „предавањето на Обама“. Токму запаливите изјави како неговите го отежнуваат постигнувањето договор за ставање крај на оваа војна“, напиша Трамп.
Како што наведе, Зеленски нема со што да се гордее.
„Ситуацијата во Украина е очајна – таа може да избере помеѓу мир или уште три години борби пред да ја изгуби целата своја земја. Немам ништо со Русија, но се грижам да спасувам просечно 5.000 руски и украински војници неделно, кои умираат целосно бесмислено. Денешната изјава на Зеленски само ќе ги продолжи ‘борбите до смрт’, а тоа никој не го сака“, напиша Трамп.
„Многу сме блиску до договор, но човекот кој „нема повеќе адути“ сега мора конечно да го сфати ова и да ја заврши работата. Со нетрпение очекувам да им помогнам и на Украина и на Русија да излезат од овој целосен хаос – што никогаш немаше да се случи да бев јас претседател“, заклучи американскиот претседател.