Трамп објасни зошто сака да ја припои Канада кон САД

245

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју емитувано во неделата пред Суперболот изјави дека сериозно сака Канада да стане 51-та држава на САД, пишува Тајм.

Откако беше прашан од новинарот на Фокс њуз, Брет Бајер, дали неговиот говор за анексијата на Канада е „сериозен“, Трамп одговори: „Да, тој е“.

“Мислам дека за Канада би била многу подобро да биде 51-та земја, бидејќи со Канада губиме 200 милијарди долари годишно. И нема да дозволам тоа да се случи. Зошто плаќаме 200 милијарди долари годишно, во основа субвенција за Канада?”

Но, како што пишува CTV News, според статистиката на Канада, кога ќе се комбинира трговијата со стоки и услуги, Канада забележа вкупен трговски суфицит од 94,4 милијарди долари со Соединетите држави во 2023 година.

Трамп се осврна и на трошоците за одбрана на Канада, велејќи дека „тие не го плаќаат својот воен дел“. „Канада плаќа многу малку за војската. Воопшто не се заштитени, а причината е што мислат дека ќе ги заштитиме“.

Канада е една од ретките членки на НАТО која сè уште не ја постигнала целта да потроши два отсто од БДП за одбрана. Во моментов е посветена на постигнување на таа цел до 2032 година, што е осум години по првичниот рок. Во последниве недели, Трамп исто така сигнализираше дека верува дека целта треба да се зголеми на пет проценти од БДП.

Само за потцетување дека канадскиот премиер Џастин Трудо за време на затворена седница со деловните лидери во петокот рече дека говорот на Трамп за Канада да биде 51-ва сојузна држава е „сериозен“ и поврзан со желбата за пристап до природните ресурси на земјата.

„Трамп смета дека најлесниот начин да се направи тоа е да се апсорбира нашата земја. Тоа е сериозно“, рече тогаш Трудо.

ИЗДВОЕНИ