Американскиот претседател Доналд Трамп има намера од денеска да воведе неверојатни царини од 104 отсто на сите кинески увозни производи, објави во вторникот портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Тоа се надоврзува на кинеските царини што беа во сила пред вториот мандат на Трамп. Кина веќе се соочи со зголемување на царините од 34 отсто во средата, како дел од пакетот „реципрочни“ царини на Трамп. Но, Трамп додаде уште 50 отсто откако Пекинг не отстапи од ветувањето дека ќе воведе одмазднички тарифи од 34 отсто за американските стоки до вторник напладне, со што вкупните царини ќе достигнат 84 отсто.
Имено, кинеското Министерство за трговија изјави дека „одлучно се спротивставува“ на дополнителни царини од 50 отсто за кинескиот увоз, нарекувајќи го „грешка на грешката“ и министерството вети дека ќе ги засили одмаздничките мерки против американскиот извоз. Понатаму, американските акции, кои нагло пораснаа во вторникот наутро, почнаа да паѓаат по коментарите на Левит, пренесува Си-Ен-Ен. Nasdaq и S&P 500 се лизнаа во негатива, додека Dow остана позитивен.
„Земјите како Кина, кои одлучија да се одмаздат и да се обидат да ја удвојат злоупотребата на американските работници, прават грешка“, изјави Левит за новинарите во вторникот. „Претседателот Трамп има челична кичма и тој нема да попушти“. „Кинезите сакаат да склучат договор, само едноставно не знаат како да го направат тоа“, додаде таа. Таа одби да сподели со какви услови, доколку ги има, Трамп ќе размисли за намалување на царините за Кина.
Инаку, во февруари Трамп воведе царина од 10 отсто за сите кинески производи без исклучоци, поврзувајќи ја со наводната улога на земјата во помагањето на илегалната имиграција и внесувањето на фентанил во САД, а минатиот месец тој ги удвои тие стапки. Кина беше вториот најголем извор на увоз за Америка минатата година, испорачајќи стоки во вредност од 439 милијарди долари во САД, додека САД извезоа стоки во вредност од 144 милијарди долари во Кина. Реципрочните царини се закануваат да им наштетат на домашните индустрии и може да резултираат со отпуштања.
Десетици други земји, како и Европската унија, исто така се соочуваат со краен рок на полноќ за нови царински стапки. Тие стапки, кои Трамп ги објави минатата недела, се движат од 11% до 50%. Левит им рече на новинарите дека и покрај тоа што разговарал со светските лидери за да преговараат за пониски царини, Трамп нема намера да ги одложува своите планови.
По разговорот со Трамп претходно во вторникот, Левит рече дека американскиот претседател „очекува овие царини да стапат на сила“. Во исто време, таа додаде дека Трамп му наложил на својот тим да склучува „специјални“ договори со земјите кои сакаат да преговараат.