Една од најквалитетните лиги во САД – НЦАА лигата, им забрани на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спорт, еден ден по извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се забранува трансродовите жени да се натпреваруваат во женските спортови. Регулативата содржи упатства, прописи и правни толкувања. По извршната наредба на Трамп, НЦАА ја промени својата политика за учество на трансродовите.
Новата политика дозволува само спортистите кои се родени како жени да учествуваат на женските спортски натпревари. Спортистите кои се подложени на хормонска терапија, како тестостерон, исто така не смеат да се натпреваруваат во женски спортови. Трансродовите мажи сепак ќе имаат право да се натпреваруваат во машки спортови се додека ги исполнуваат сите други услови за подобност, се наведува во политиката.
НЦАА претходно им дозволуваше на трансродовите жени да се натпреваруваат се додека ги исполнуваат границите на тестостерон во зависност од спортот. Елиминирањето на трансродовите жени од женскиот спорт беше едно од предизборните ветувања на Трамп.
Организациите за правата на ЛГБТК ја осудија извршната наредба на Трамп како неуставна и заснована на погрешни претстави и искривувања за трансродовите луѓе. Помалку од 1 отсто од населението на возраст над 13 години во САД е трансродово, според студијата на Институтот УЦЛА Вилијамс.