Трамп нареди руско-украинската војна да заврши за 100 дена, никој не верува дека тоа е можно

172

Новиот американски претседател има намера лично да го контролира напредокот на преговарачкиот процес за Украина, пишува „Волстрит журнал“. Откако САД ѝ се закани на Русија со санкции ако не стави крај на војната, Русија одговори дека прво треба да види што се подразбира под договор. Зеленски вели дека чека сигнал од Трамп за средба лице в лице, а од ЕУ бара мировен контингент од 200.000 војници како гаранција пред седнување на зелена маса, но инсистира и на учество на американски војници

 

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на специјалниот пратеник за Украина, Кит Келог, да постигне крај на војната меѓу Москва и Киев во рок од 100 дена, објави „Волстрит журнал“.

Весникот наведува дека новиот американски претседател има намера лично да го контролира напредокот на преговарачкиот процес за Украина. Во текстот се вели и дека практично никој не мисли дека Келог може да донесе мир за само три месеци. Задачата е тешка, бидејќи светот е длабоко засегнат од оваа војна, особено кога пред крајот на минатата година постоеше опасност да прерасне во нуклеарна, па целата на конечниот договор не треба да биде краткорочно примирје, туку долгорочен мир.

За време на предизборната кампања, Трамп најави дека може да го реши тој конфликт за само еден ден откако официјално ќе стане претседател, но подоцна неговите советници му сугерираа дека ќе бидат потребни неколку месеци.

Русија од претходно се изјасни дека е подготвена за преговори, дури претседателот Владимир Путин разговараше со Трамп за седнување на зелена маса, без да се прецизира рок.

Очекувајќи пријателско решение, Путин деновиве доби ладен туш од Трамп. Тој му се закани со големи даноци, царини и санкции против Русија доколку одбие да преговара за договор за ставање крај на војната во Украина.

-Ако не постигнеме договор наскоро, нема да имам друг избор освен да наметнам високи даноци, тарифи и санкции за сè што Русија ќе им продаде на САД и на разни други земји учеснички. Да ставиме крај на оваа смешна војна, напиша Трамп на социјалната платформа „Трут сошл“.

Тој додаде дека не сака да и наштети на Русија, дека го сака рускиот народ и дека не треба да се заборави улогата на Русија во победата во Втората светска војна, но истовремено ги искритикува Путин и руската економија.

-Имајќи го сето ова на ум, ќе ѝ направам голема услуга на Русија, чија економија е во колапс, а и на претседателот Путин. Направете договор сега и престанете со оваа бесмислена војна! Ситуацијата само ќе се влоши, рече Трамп.

Тој веднаш доби одговор од Русија. Рускиот заменик-амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански, рече дека Москва ќе мора да види што се подразбира под договор.

-Не станува збор само за завршување на војната. Се работи, пред сè, за решавање на основните причини за украинската криза. Значи, треба да видиме што значи „договор“ во разбирање на претседателот Трамп. Тој не е одговорен за она што САД го прават во Украина од 2014 година, правејќи ја „антируска“ и подготвувајќи се за војна со нас, но сега е во негова моќ да ја запре оваа злонамерна политика, изјави Полјански.

Портпарол Кремља Дмитриј Песков беше многу подиректен.

-Овде не гледаме ништо особено ново. Трамп за време на својот прв мандат беше претседател кој најчесто прибегнуваше кон методите на санкции, рече тој  и додаде дека Русија внимателно ги следи сите изјави, бележи сè што доаѓа од Вашингтон и ги чека сигналите од САД кои уште не стигнале.

Додека од САД се засилуваат повиците кон Русија за мировен договор и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразува подготвеност за преговори но бара безбедносни гаранции од ЕУ и САД пред да се седне на маса. Тој побара контингент европски мировни сили од минимум 200.000 војници, меѓу кои ќе има и американски.

-Не може без САД. Дури и ако некои европски пријатели мислат дека може, не, не може. Прво, никој нема да ризикува без Соединетите Држави. Второ, тоа би можело да го подели НАТО, да ги подели САД и Европската Унија. Сонот на Путин е да ја подели оваа алијанса, рече тој за „Блумберг“.

Бројката на мировните сили од 200.000 војници би била без преседан, но Зеленски инсистира на неа зашто руската војска брои повеќе од 1,5 милиони луѓе, додека Украина има само половина од тој број. Зеленски, исто така, ги повтори изјавите на Трамп дека кинескиот лидер Си Џинпинг може да помогне да се „притисне“ Русија за да се постигне мир. Украинскиот претседател информира дека неговиот тим во моментов е во процес на организирање средба лице в лице со Трамп.

Но, Русија вчера ја отфрли идејата земјите-членки на НАТО да испратат мировници во Украина, предупредувајќи дека таквиот потег може да доведе до неконтролирана ескалација.

Денеска е 1.066-ти ден од војната. Во овој период Русија потроши стотици милијарди долари и имаше околу 700.000 жртви. Кремљ троши околу 40 отсто од својот буџет на војската и се бори да ја задржи инфлацијата со каматни стапки поголеми дури и од 20 проценти.

 

ИЗДВОЕНИ