Трамп „најверојатно“ ќе се сретне со Зеленски следната недела

18

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека најверојатно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела, бидејќи напорите на САД за ставање крај на војната во Украина добиваат на интензитет, при што Зеленски рече дека е важно двајцата да се сретнат лично пред Трамп да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

„Веројатно ќе се сретнам со претседателот Зеленски следната недела“, рече Трамп на 7 февруари.

Тој рече дека локацијата на состанокот „може да биде Вашингтон“, додавајќи дека „не одам [во Киев]“.

Трамп пoвеќе пати ветуваше дека брзо ќе стави крај на руската војна против Украина, која влегува во својата четврта година подоцна овој месец, откако Путин започна целосна инвазија на соседната земја на 24 февруари 2022 година.

Средбата би била нивна прва, откако Трамп го започна својот нов претседателски мандат на 20 јануари.

Американскиот претседател зборуваше една недела пред почетокот на Минхенската безбедносна конференција која ќе се одржи од 14 до 16 февруари, а каде најголемата војна во Европа од 1945 година сигурно ќе биде меѓу главните теми на разговор.

Се очекува Зеленски да присуствува на годишниот собир, како и специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, кој претходно оваа недела ги негираше извештаите дека САД ќе презентираат мировен план за Украина на состанокот.

Трамп и членовите на неговата администрација дадоа малку детали за какви било конкретни предлози за завршување на војната, но Келог неодамна рече дека двете страни ќе мора „малку да попуштат“, што значи да направат компромиси.

Во интервју за Ројтерс на 7 февруари, Зеленски рече дека е „многу важно“ тој и Трамп да се сретнат пред американскиот претседател да се сретне со Путин, наведувајќи дека „во спротивно тоа ќе изгледа како дијалог за Украина без Украина“.

„Сè уште е важно партнерите прво да разговараат за нивните прашања, а потоа да разговараат со непријателот“, рече Зеленски, според Ројтерс.

Не се објавени конкретни планови за средбата Трамп-Путин.

Зеленски го повтори својот повик за силни безбедносни гаранции од Западот за Украина како дел од каков било прекин на огнот или мировен договор и рече дека е од клучно значење за Западот да одреди широка стратегија пред да започне преговори со Москва, пренесе Ројтерс.

Украинскиот претседател нагласи дека неговиот тим е во редовен контакт со Келог и советникот на Трамп за национална безбедност, Мајкл Валц.

ИЗДВОЕНИ