Трамп најавува „нешто големо“ за вечерва

123

„Њујорк тајмс“ вчера објави дека секретарот за одбрана Пит Хегсет и наредил на американската сајбер команда да ги запре офанзивните сајбер операции против Русија, во обид да ги обнови односите на САД со Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека тој е единствениот претседател кој не му предал дел од Украина на рускиот претседател Владимир Путин и најави дека вечерва ќе објави „нешто големо“ и дека ќе каже „како е“.

„Единствениот претседател кој не ѝ дал ништо од украинската земја на Путиновата Русија е претседателот Доналд Џеј Трамп“, рече Трамп на својата мрежа „Трут Соушал“.

Тој рече дека ова треба да се запамети и покрај критиките од демократите и „лажните вести“.

Најавата на Трамп доаѓа по напната средба што ја имаше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп, исто така, им порача на Американците дека треба помалку да се грижат за рускиот претседател, а повеќе за мигрантските банди и нарко босовите – „за да не завршиме како Европа“. „Треба да трошиме помалку време грижејќи се за Путин и повеќе време грижејќи се за мигрантските банди силувачи, нарко босови, убијци и луѓе од ментални институции кои влегуваат во нашата земја – за да не завршиме како Европа“, напиша тој на мрежата „Трут соушел“.

Во согласност со најавата на Трамп, „Њујорк Тајмс“ вчера објави дека секретарот за одбрана Пит Хегсет и наредил на американската сајбер команда да ги запре офанзивните сајбер операции против Русија, во обид САД да ги обноват односите со Русија и да постигнат договор со Москва за мир во Украина. Во извештајот на американскиот весник, во кој се цитираат изјави на актуелен функционер и двајца поранешни функционери запознаени со наредбата на министерот за одбрана, се наведува дека наредбата за прекин на офанзивните сајбер операции против Русија е издадена пред средбата меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа, која заврши со размена на остри зборови и без најавеното потпишување на договор за украинските минерали.

„Си-Ен-Ен“ објави дека се во тек забрзани подготовки за средбата Трамп-Путин. Дипломатски извори за оваа телевизија изјавија дека Кремљ се надева на брзо продолжување на дијалогот, иако тоа јавно не го објави. Според овие извори, средбата меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба не била „случаен аргумент“, туку Трамп планирал да го дискредитира украинскиот лидер и да го отстрани од преговорите бидејќи претставувал пречка за неговите понатамошни дејствија. Наведоа и дека ништо јавно не е соопштено, туку дека приватно се зборува за самит Трамп-Путин и дека е можно средбата да се одржи во Саудиска Арабија, каде во февруари веќе се сретнаа американската и руската делегација. Во меѓувреме, Кремљ изрази оптимизам за можноста за економски договори меѓу Русија и САД.

Поранешниот началник на Генералштабот на Пентагон, Кели Магсамен, оцени дека запирањето на испораките на американската војска во Киев може да ја парализира Украина со недели. Магсамен, кој беше началник на кабинетот на Лојд Остин кога тој беше секретар за одбрана на САД, изјави за Фајненшл Тајмс дека со прекинување на воената помош за Киев, САД во суштина ќе му ја предадат Украина на Владимир Путин.

Друг поранешен функционер во администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден рече дека верува оти Украина може да се бори без американска поддршка со месеци, „но не и со години“. „Волстрит журнал“ претходно објави дека по расправијата со Зеленски, Трамп им наредил на претставниците на националната безбедност да испитаат дали Вашингтон може привремено или целосно да ја прекине испораката на оружје за Украина.

ИЗДВОЕНИ