Трамп најави „ден на ослободувањето“ – воведува серија реципрочни царини за сите земји

30
EPA-EFE/Mohammed Badra

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа недела ќе ги опфатат сите земји, а не само помала група од 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс.

Трамп вети дека во среда ќе го претстави сеопфатниот царински план, нарекувајќи го „Ден на ослободувањето“. Тој претходно воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а исто така ги зголеми царините за увоз на сите стоки од Кина.

Трамп ги гледа царините како начин да се заштити домашната економија од нелојална глобална конкуренција и преговарачка алатка за подобри услови за САД. Сепак, загриженоста за трговската војна ги затресува финансиските и стоковите пазари и ги зголемува стравувањата од рецесија во САД.

Во последните неколку недели цените на акциите на Волстрит и другите големи светски берзи драстично паднаа поради неизвесноста околу овие царини и стравувањата од ескалација на трговската војна, бидејќи голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Канада и ЕУ, најавија контрамерки.

Трамп рече дека ќе воведе серија реципрочни царинии против земјите кои воведуваат царини за увоз на американски производи и вети дека ќе одговараат на царините на тие земји.

Во февруари, Трамп потпиша меморандум со кој им наложува на американските официјални лица да ги анализираат трговските односи со сите земји и да состават листа на приспособени контрамерки. Минатата недела тој посочи дека можеби ќе ги ублажи своите планови, можеби правејќи исклучоци во некои случаи или наметнувајќи пониски царини од оние што тие земји ги наплаќаат за увоз од Соединетите држави.

Белата куќа неодамна соопшти дека тарифните планови би можеле да таргетираат 10 до 15 земји со кои САД имаат најголем трговски дисбаланс. Но, сега Трамп повторно вели дека реципрочните царини би можеле да влијаат на сите земји.

ИЗДВОЕНИ