Трамп: „Ќе ги депортираме имигрантите без документи, тоа ќе биде крвава приказна“

129
EPA-EFE/JUSTIN LANE

Поранешниот претседател Доналд Трамп ја засили својата антиимиграциска реторика, предупредувајќи дека отстранувањето на мигрантите од САД би било „крвава приказна“.

Забелешките беа изречени на предизборен митинг во Мосине, Висконсин и се во согласност со неодамна објавената стратегија на Републиканскиот национален комитет за 2024 година, која повикува на агресивно спроведување на масовните депортации.

„И знаете дека нивното депортирање ќе биде крвава приказна. Никогаш не требаше да им биде дозволено да влезат во нашата земја. Никој не ги проверуваше“, им рече Трамп на поддржувачите за плановите за масовно отстранување на имигрантите без документи.

На 15 јули, Републиканскиот национален комитет ги објави и официјално ги усвои новите приоритети на имиграциската политика за време на Републиканската национална конвенција во Милвоки.

„Републиканците нудат агресивен план за запирање на отворените гранични политики што ги отворија вратите за бранот на нелегални странци, смртоносна дрога и мигрантски криминал“, се вели во документот.

Се ветува и враќање на „секоја имиграциска политика на администрацијата на Трамп“ и завршување на изградбата на граничниот ѕид. Исто така, се повикува на зајакнување на имиграциската и царинската служба на САД, зголемување на казните за нелегален влез и враќање на политиката на Трамп „Остани во Мексико“.

Во документот се користи подиректен јазик во споредба со верзиите од 2016 и 2020 година, така што нема ниту помирливи изјави за придонесот на имигрантите во земјата, пишува Newsweek. Овој тврд став е дополнително зајакнат со изборот насенаторот Џ.Д. Венс за потпретседател, кој ги поддржа повиците за масовна депортација на илегалните имигранти.

На републиканската национална конвенција во Висконсин, Венс ја повтори реториката на Трамп: „Мораме да ги депортираме луѓето кои ги прекршиле нашите закони кога дојдоа овде“.

Во својот говор на конвенцијата, тој ја поврза имиграцијата со станбените прашања: „Демократите ја преплавија оваа земја со милиони нелегални странци. Граѓаните мораа да се натпреваруваат за скапоцени станови со оние кои воопшто не треба да бидат тука.

Интересно е што сопругата на Венс е ќерка на индиски имигранти, кои тој ги пофалил дека ја „збогатиле“ земјата. Ова предизвика критики од порадикални поддржувачи на движењето на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“ (МАГА), кои ја доведуваа во прашање автентичноста на антиимигрантските ставови на Венс.