Трамп ќе му понуди на Путин „дил“ за спас на човештвото?!  

Трамп знае оти доминацијата на западниот свет, на начин и во рамка како што тоа беше во изминатите повеќе од 30 години, е дојдена до крајот и дека како претседател на САД, тој не треба да реагира и да се адаптира, туку да води, вели професорот и експерт за безбедносни политики, Методи Хаџи Јанев, во изјава за весникот ВЕЧЕР, коментирајќи ја најавената можна средба меѓу новоизбраниот претседател на САД и рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика голем меѓународен интерес, поради важноста на оваа историска средба за светскиот поредок и очекувањата да се стави крај на војната во Украина. Хаџи Јанев посочува на свесноста на идниот американски претседател дека за да го загарантира лидерското место мора да расчисти со псевдоелитите во дел од Западна Европа кои имаат само перцепција за тоа дека се фактор, а не се. Затоа, вели, Хаџи Јанев, Макрон не е поканет на инаугурацијата на Трамп, ама се поканети Орбан и Мелони. Пецо Трајкоски од НВО - Центар за стратегиски истражувања и анализи, пак, предупредува дека дури и ако Трамп постигне разбирање со Путин, спроведувањето и исполнувањето на таквите договори може да биде предизвик. Недостигот на усогласеност меѓу обврските на САД и ставовите на Украина и Европа може да го направи секој договор неизводлив во пракса

457

Најавата за можна средба меѓу новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин, предизвика голем меѓународен интерес, поради важноста на оваа историска средба за светскиот поредок и очекувањата да се стави крај на војната во Украина. Повеќе земји, меѓу кои и Србија се понудија да бидат домаќини на оваа средба. Додека Вашингтон се подготвува за инаугурацијата во понеделник и максимално ја засилува безбедноста, особено по предупредувањата од американските разузнавачки агенции дека овој настан е потенцијална цел за закани и насилни екстремисти, Трамп, кој официјално во понеделник ќе ја преземе функцијата, најави дека ќе се сретне со Путин „многу брзо“, но не даде конкретен рок. Познавачите сметаат дека како еден од првите значајни дипломатски потези на новиот мандат на Трамп, оваа средба има потенцијал да ја редефинира насоката на односите помеѓу САД и Русија и да се осврне на критичните прашања за глобалната безбедност. Во исто време, со оваа средба, особено ако навистина се случи на српска територија, се отвора можност двајцата светски лидери, покрај жешката Украина, да се осврнат и на состојбите во нашиот регион.

Професорот и експерт за безбедносни политики, Методи Хаџи Јанев, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека има големи мисконцепции околу пристапот на Трамп кон геополитиката и врз база на тие очекувања секој во локален контекст се обидува да најде решение за заглавените проблеми кои, како што вели, досегашните елити од Глобалниот Запад не успеаја да ги решат или ги заглавија.

Методи Хаџи Јаневпрофесор и експерт за безбедносни политики
Методи Хаџи Јанев
професор и експерт за безбедносни политики

-Тоа за волја на вистината е очекувано и нормално. Но, вистината е дека Трамп знае оти доминацијата на западниот свет на начин и рамка како што тоа беше во изминатите 30 плус години е дојдена до крајот. Тука завршува. Експлозијата на трансформативните технологии, залутаниот ултралиберализам, кој се загуби во идентитетските прашања и ги поткопа на некој начин и темелите на демократијата (оти почна да генерира апсурди), заедно со појавата и раст на старо-новите сили (Русија, Кина, Иран Бразил во услови кои беа диктирани од Западот), ги поткопаа темелите на кои беше изградена таа доминација. Во истите тие услови, либералниот елитизам падна во таков занос што почна да реагира и да се адаптира на работите наместо да води. Тука има многу работи кои влијаат на тоа, ама едно е јасно – Трамп не сака да реагира. Тој сака да диктира и да води заради две работи. Прво САД има сериозен проблем ако продолжи по концептот кој го наметнаа либералните елити бидејќи тоа поткопува традиционалните сфаќања на кои е изградена основната клетка. Фамилијата и некои други базични вредности (мигрантските политики, социјалните пакети за мигрантите итн.). Втората е дека за да се соочи со егзистенцијалните предизвици кои доаѓаат од Кина-растечки технолошки и економски џин, не треба да реагира туку да води. Тоа значи да ја оформува геополитичката сцена според правила кои ни се допаѓале или не се во корист на САД. Е сега за да може да го прави тоа мора да расчисти со псевдоелитите во дел од Западна Европа кои имаат само перцепција за тоа дека се фактор, а не се. Затоа, Макрон не е поканет на инаугурацијата на Трамп, ама е поканет Орбан и Мелони. Путин е битен не заради тоа што е директна закана за САД, бидејќи засега не е! Туку, заради тоа што неговиот сојуз со Кина е, вели Хаџи Јанев во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Ако Путин не го прифати предлогот, работите ќе тргнат наопаку

Според него, Трамп знае дека перцепцијата на Русија и амбициите за овој сојуз се резултат на тоа што Европа ја оттурна Русија од себе, за волја на вистината под директива на елитите од САД и дека Русија нема намера да и пркоси на САД во глобалната доминација, барем за сега. Но, единствен кој има капацитет воено да им се спротивстави и да ги загрози, е Русија, вели професорот и безбедносен експерт. Хаџи Јанев очекува дека „дилот“ кој треба да му се понуди на Путин ќе може да стане и „дил“ за спас на човештвото, но посочува дека една од можните разврски е Путин да не го прифати тој предлог и работите да тргнат наопаку и Трамп да мора да ја осигурува Украина, како алтернатива на Гренланд, бидејќи таа исто така изобилува со ресурси. Тука веќе, предупредува Хаџи Јанев, работите може да се вжештат и да се придвижат на егзистенцијалните прашања со кои нуклеарните опции се враќаат во игра. Секако, неизоставен дел од средбата Трамп-Путин е и Кина, која, сè уште нема воен капацитет со кој може да им пркоси на САД. Хаџи Јанев вели дека таа има економски и технолошки капацитет за кој САД нема одговор.

-Тоа е болката за големите нации и хегемоните. Стравот од губење на позициите. Овие позиции на реализација САД и Кина, засега не се во воената доминација, бидејќи и едните и другите не сакаат да војуваат помеѓу себе. Сакаат да доминираат и да имаат комодитет, доминација во удопствата и приоритет во тоа кој ги диктира условите за комодитет. Тука е проблемот за САД. Раскинувањето на таа оска на еден или друг начин е „дил“ кој Трамп ќе сака да го направи за да може да доминира и да ја врати иницијативата во меѓународната геополитика. Значи не да реагира туку да оформува на меѓународен план. За да го направи тоа не мора да значи и дека ќе сака да ги скара Кина и Русија. Туку дека ќе мора да раскине со старите љубови. Земете ја идејата за Гренланд и фамата околу него. Сите зборуваат за тоа на еден или друг начин, ама многу малку забораваат да кажат дека ако не го затвори тој процеп околу Гренланд, географски ќе ја загуби можноста за доминација. Британија од Втората светска војна требаше да го обезбедува тој дел и тоа го правеше сè додека не липсаа капацитетите за да го прави тоа. Трамп знае дека елитите во Британија со кои (дел од неговиот тим) влегоа во отворен конфликт, не се играчи со кои Трамп може да игра. Со тоа би рекол дека средбата најверојатно ќе ги дебатира овие прашања во кои дилот кој треба да му се понуди на Путин ќе може да стане и дил за спас на човештвото. Една од можните разврски е Путин да не го прифати тој дил и работите да тргнат наопаку односно Трамп да мора да го осигурува другиот Гренланд, алтернативниот, Украина. Бидејќи и таа изобилува со ресурси. Тука веќе работите може да се вжештат и да се придвижат на егзистенцијалните прашања со кои нуклеарните опции се враќаат во игра, анализира Хаџи Јанев.

Тој смета дека е можно да има промени и во регионот, но дека располагаме со многу малку информации за поконкретни анализи.

-Регионалните спорови во целата оваа тектонска промена секако дека е можно да претрпат промени кои кај досегашните елити на светски план ќе ги оценат како шокирачки. Но, тоа е нормално бидејќи за нас, на пример, па и за добар дел од светот кој не се согласи со распадот на Југославија (преку насилна сецесија на Косово) во време кога се оформуваше еден нов свет после Студената војна се проголта, како што се проголта. Она што би рекол е дека располагаме со многу малку информации за да можеме да носиме одлуки. Дополнително сите решенија ги бараме преку матрица од стариот свет кој изумира. Таквите пристапи и претпоставки нема да ни дадат добар резултат. Да се надеваме дека како и да заврши, целата разврска, која ќе потрае, нема да го однесе светот по ѓаволите, вели професорот и експерт за безбедносни политики, Методи Хаџи Јанев, во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Рамка за мир или извор на тензии?!

Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, исто така, се согласува дека една од најочекуваните теми на дискусија, секако ќе биде тековниот конфликт во Украина. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Трајкоски вели дека меѓународната заедница внимателно ќе ја следи оваа средба, бидејќи нејзините исходи би можеле значително да влијаат на глобалната безбедносна сцена и сите се заинтересирани да ја разберат насоката што ќе ја заземат односите помеѓу САД и Русија за време на претседателството на Трамп, особено во ера на зголемени геополитички тензии.

Пецо ТрајкоскиНВО - Центар за стратегиски истражувања и анализи
Пецо Трајкоски
НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи

-Трамп јавно се обврза дека ќе работи на изнаоѓање решение. За Путин, секоја дискусија за Украина веројатно ќе вклучува обезбедување признавање на руските интереси, особено во спорните региони. Светот внимателно ќе следи дали ќе се појави рамка за мир или ова прашање ќе остане извор на тензии. Лично верувам дека Трамп може да пристапи на средбата со рускиот претседател Путин со намера да се претстави како некој што ќе стави крај на војната во Украина и ќе преговара за отстапки. Сепак, овие потенцијални отстапки веројатно ќе се соочат со значителен отпор, како од Украина, така и од европските земји. Украина, како директно засегната страна, може да ги одбие сите предлози што би биле перципирани како поткопување на нејзиниот суверенитет или територијален интегритет. Слично на тоа, европските нации би можеле да се спротивстават на договори што не се во согласност со нивниот заеднички став за санкциите или безбедносните гаранции, вели Трајкоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Тој предупредува дека дури и ако Трамп постигне разбирање со Путин, спроведувањето и исполнувањето на таквите договори може да биде предизвик. Недостигот на усогласеност меѓу обврските на САД и ставовите на Украина и Европа може да го направи секој договор неизводлив во пракса.

-Дополнително, способноста на Трамп да ги совлада комплексностите на меѓународната дипломатија и да се справи со домашниот скептицизам околу ваквите преговори може дополнително да ја искомплицира ситуацијата. На крајот, иако пристапот на Трамп може да цели кон брзо решение, реалностите на теренот и различните интереси на клучните страни може да го попречат во испорака на конкретни резултати, вели Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи за весникот ВЕЧЕР.

Русија е подготвена за мировните иницијативи на Трамп

Во пресрет на инаугурацијата на Трамп, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров порача дека Русија е подготвена да ги проучи мировните иницијативи на новоизбраниот американски претседател за војната во Украина, кога следната недела ќе ја преземе функцијата. Лавров во вторникот предупреди дека Трамп за војната, за која претходно рече дека ќе биде прекината во рок од 24 часа по неговото враќање во Белата куќа, зборувал пред неговата инаугурација, но додаде дека Русија го поздравува фактот што тимот на Трамп почнува да зборува за „реалноста на теренот“ кога станува збор за Украина.

Шефот на руската дипломатија рече дека тоа се одразува во изјавите и на Трамп и во коментарите на неговиот иден советник за национална безбедност Мајк Волц, кој неодамна во интервју за телевизијата Еј-би-си изјави дека е јасно дека војната некако мора заврши со дипломатски средства.

-Едноставно не мислам дека е реално да се каже дека ќе го исфрлиме секој Русин од секоја педа украинска почва, дури и од Крим. Претседателот Трамп ја призна таа реалност и мислам дека тоа беше огромен чекор напред за целиот свет, да ја прифатиме таа реалност. Ајде да одиме сега напред, рече Волц.

Средбата ќе се случи многу брзо

Трамп изјави дека „многу брзо“ ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин откако следната недела ќе ја преземе функцијата. Тој не го даде рокот за средбата, која ќе биде прва меѓу лидерите на двете земји од почетокот на руската војна со Украина, во февруари 2022 година. Запрашан за неговата стратегија за завршување на војната, Трамп за „Њузмакс“ изјави дека „има само една стратегија и таа зависи од Путин. Не можам да замислам дека е премногу воодушевен од начинот на кој сè се одвиваше, бидејќи ни нему не му одеше баш најдобро“.

– Знам дека сака да се сретнеме и ќе се сретнам со него многу скоро. Ќе го направев тоа и порано, но… прво морам да влезам во канцеларија. За некои работи мора да бидеш таму, рече Трамп.

Американскиот конгресмен Мајк Волц, идниот советник за национална безбедност, во неделата изјави дека очекува разговор меѓу Трамп и Путин во „наредните денови и недели“.

Се бара неутрално тло

Во меѓувреме, откако се подгреа можноста за средба, интерес почнаа да пројавуваат повеќе земји. Засега најгласна е Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ експресно најави дека Србија може да ја гарантира безбедноста на двајцата претседатели и би можела да биде домаќин на историската средба. Доколку се случи, тоа, несомнено ќе го стави и нашиот регион повисоко на агендата на двајцата претседатели, кај кои ќе доминира, секако, Украина.

Србија се понуди и за претходната средба меѓу Трамп и Путин, која се одржа во 2018, една година по првото стапување на Трамп на функцијата и по најавите за оваа средба. Оваа средба се одржа во Хелсинки, но тогаш Данска беше неутрална. Сега оваа земја е неконкурентна за средбата, бидејќи пред две години, во екот на војната во Украина, одлучи да стане членка на НАТО Алијансата, кој Путин бара да не ги шири своите граници.

Како опција се споменува и Швајцарија. Според аналитичарите, Србија е можеби единствената европска земја покрај Белорусија и Швајцарија, каде Путин би бил добредојден и во кој тој не би морал да се плаши од апсење по налог на Меѓународниот трибунал.

Руската инвазија на Украина остави десетици илјади мртви, милиони раселени и ја предизвика најголемата криза во односите меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА

ИЗДВОЕНИ