Трамп Јуниор му порача на Зеленски: „Наскоро ќе останеш без џепарлак“/ФОТО

916
EPA-EFE/SARAH YENESEL

Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на новоизбраниот американски претседател, во објава на мрежата „Инстаграм“ му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека финансирањето на Украина во конфликтот со Русија ќе се намали откако неговиот татко ќе влезе во Белата куќа.

Трамп Џуниор, во саботата навечер на својот профил на „Инстаграм“ објави фотографија од украинскиот претседател Володимир Зеленски со натпис „наскоро ќе ви снема џепарлак“, пренесува британски „Телеграф“.

Аналитичарите веруваат дека можеби со тоа ја навестил политиката што ќе ја спроведе неговиот татко кога официјално ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари 2025 година.

На видеото што го објави Трамп Џуниор, се гледаат неговиот татко и Зеленски како врз нив паѓаат банкноти од долари. Со таа обработена фотографија тој алудираше на финансиската помош што Америка и ја испраќа на Украина од почетокот на војната во Украина.

Откако Доналд Трамп официјално победи на изборите, се шпекулира за следните чекори на американската надворешна политика во однос на војната во Украина. Доналд Трамп во својата кампања пред претседателските избори во неколку наврати изјави дека има план за прекин на војната, но засега не прецизирал кога и како планира да го спроведе.

За да ги предвиди можните кратења на финансирањето на Украина, администрацијата на претседателот Бајден во заминување планира да ги испрати последните шест милијарди долари безбедносна помош во Киев пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.