Трамп ја потпиша наредбата со која се става крај на американското државјанство со право на раѓање

921
Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател презеде чекор да стави крај на децениската имиграциска политика позната како државјанство со право на раѓање, наредувајќи укинување на уставната гаранција дека децата родени во САД имаат државјански права без оглед на имиграцискиот статус на нивните родители.

Извршната наредба од околу 700 зборови, издадена доцна синоќа, исполнува нешто за што Трамп зборуваше за време на претседателската кампања, но неизвесно е дали ќе успее бидејќи активистите за имиграција најавија тужби за блокирање на претседателот, пишува агенцијата АП.

Државјанството со право на раѓање значи дека секој роден во Соединетите Држави може да стане државјанин на САД, без оглед на имиграцискиот статус на нивните родители. На пример, луѓето кои се во САД со туристичка или друга виза или се во земјата илегално може да станат родители на американски државјанин ако нивното дете е родено во САД.

Тоа правило важи со децении и е вградено во 14-тиот амандман на Уставот на САД, велат поддржувачите на регулативата. Но, Трамп и неговите сојузници го оспоруваат толкувањето на амандманот и велат дека треба да има построги стандарди за добивање државјанство.

Наредбата на Трамп го доведува во прашање фактот дека 14-тиот амандман автоматски дава државјанство на секој роден на американско тло.

Амандманот беше создаден по Граѓанската војна и ратификуван во 1868 година. Тој гласи – сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и кои подлежат на јурисдикција на земјата се државјани на САД и на државата во која живеат.

Наредбата на Трамп ги исклучува следните лица од добивање автоматско државјанство – оние чии мајки не се легално во Соединетите држави и чии татковци не се државјани на САД или законски постојани жители, лица чии мајки се легално во земјата, но на привремена основа и чии татковци се не се државјани на САД или легални постојани жители.

Понатаму им забранува на американските федерални агенции да даваат државјанства на поединци од овие категории. Регулативата стапува на сила 30 дена од вторник, на 19 февруари.

Четиринаесеттиот амандман не секогаш гарантираше државјанство при раѓање на сите лица родени во Соединетите држави. Конгресот им додели државјанство на сите домородци родени во САД, на пример, дури во 1924 година, пишува агенцијата АП.

Набргу откако Трамп ја потпиша наредбата, групите за заштита на имигрантите поднесоа тужба за нејзино запирање.

Одделенијата на Американската унија за граѓански слободи во Њу Хемпшир, Мејн и Масачусетс, заедно со други активисти за правата на имигрантите, ја поднесоа тужбата до федералниот суд во Њу Хемпшир.

Во тужбата се бара судот да ја прогласи наредбата за неуставна. Даден е пример за жена идентификувана како „Кармен“ која е бремена, но не е државјанин на САД. Во тужбата се вели дека таа живее во САД повеќе од 15 години и е во процес на аплицирање за виза што може да доведе до постојан статус. Таа нема друг имиграциски статус, а таткото на очекуваното дете исто така нема статус на имиграција, се вели во тужбата.

„Одземањето на децата од непроценливото богатство на државјанството е тешко прекршување. Тие се лишени од полноправното членство во американското општество на кое имаат право“, се наведува во тужбата.

ИЗДВОЕНИ