Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за воведување нови санкции и царини против Русија по новите руски напади врз Украина во текот на ноќта.
„Со оглед на фактот дека Русија во моментов буквално ја „меле“ Украина на бојното поле, сериозно размислувам за широки банкарски санкции, санкции и царини против Русија додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор“, напиша Трамп.
Во пораката тој ги повика двете страни да преговараат.
„До Русија и Украина – седнете на маса сега, пред да биде предоцна. Ви благодариме!!! рече Трамп.
Критиките на Трамп за Москва доаѓаат во контекст на затегнатите односи меѓу Вашингтон и Киев по катастрофалната посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа минатата недела, која заврши со тепачка и заминувањето на Зеленски без потпишување договор според кој САД ќе преземат 50% од правата на украинските минерали од ретки земји како компензација за помошта дадена за време на војната.
По јавниот судир со Зеленски, американскиот претседател прво ја привремено ја премика сета воена помош, а потоа и споделувањето разузнавачки информации со Киев со цел да изврши притисок врз Украина да прифати договор за прекин на огнот. Во таква ситуација Зеленски јавно објави дека е подготвен за мировни преговори, но набргу потоа Русија изврши нови масовни напади врз украинската инфраструктура.
Трамп се соочи со критики за неговиот притисок врз Украина, вклучително и неговиот коментар минатиот месец дека Киев, а не Русија, е одговорен за започнување на војната.
Заканата на Трамп за воведување санкции и царини кон Русија доаѓа неколку дена откако „Ројтерс“ објави дека Белата куќа подготвува план за потенцијално олеснување на санкциите кон Русија како дел од напорите на администрацијата да стави крај на војната и да ги подобри дипломатските и економските односи со Москва.
Русија, еден од најголемите светски производители на нафта, е предмет на опширни санкции наметнати од Соединетите Држави и нивните партнери по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Американските санкции кон Русија вклучуваат мерки насочени кон ограничување на нејзините приходи од нафта и гас, вклучително и ограничување од 60 долари за барел за извоз на руска нафта.
Поранешниот претседател Џо Бајден, исто така, ја прошири акцијата против Москва на 10 јануари, непосредно пред да ја напушти функцијата, за да ги вклучи руските енергетски компании и бродови што ја испорачуваа нејзината нафта со дополнителни мерки.