Гренланд стана популарна дестинација за многу постари патници кои се повеќе патуваат во различни делови на светот. Откако американскиот претседател Доналд Трамп изрази интерес за купување на Гренланд од Данска, целото внимание беше насочено кон најголемиот остров во светот.
Овој живописен остров на Арктикот, североисточно од Канада и северозападно од Исланд, со население од речиси 57.000 жители, веќе беше популарна дестинација за индустријата за крстарење, а многу бродови избираа градови на Гренланд како пристаништа, пишува „Форбс“. Според весникот, бројот на активни патници на возраст над 60 години сега постојано расте, бидејќи многу постари лица сакаат да ја отфрлат стигмата дека се пасивни. Овие патници сè уште бараат авантура и нови места, но многу познати дестинации се пренатрупани со туристи во последниве години.
-И покрај често суровото и променливо време, Гренланд стана популарна туристичка дестинација за постарите патници кои се авантуристи. Најдоброто време за посета на Гренланд зависи од тоа што сакате да го доживеете. Секоја сезона има свои карактеристики. За постарите патници, летото е често најзгодно време. Зимата може да биде долга, со обилни снежни врнежи и замрзнати патишта, што може да го отежне патувањето и да бара дополнителна претпазливост, пишува „Форбс“.
Со отворањето на меѓународен аеродром и новите летови до Нук, патувањето до Гренланд стана полесно од кога било. За патниците од САД, ќе биде уште подобро кога „Јунајтед ерлајнс“ ќе почне нова рута ова лето.
Издаден е и првиот водич за Гренланд на англиски јазик, а негови автори се Гил и Алистер Кембел, кои се во средината на 70-тите години и патуваат низ светот повеќе од 50 години.
Водичот открива дека во градовите на Гренланд можат да се посетат музеи во кои може да се проследи приказната за Инуитите, кои живеат на овој остров илјадници години. Таму се и најдолгите фјордови во светот, кои длабоко се засекуваат во планинскиот терен. Како што додава „Форбс“, најголемата ледена покривка на Арктикот се протега на север на повеќе од 3.000 километри. Од град до град, каде што има добра храна и сместување, се патува со траект што сообраќа покрај брегот.
-Нема големи терминали или авиони со стотици седишта. Во Гренланд, вашиот локален лет е со хеликоптер како и со авион, и во секој случај, глетките се спектакуларни. Гренланд има изненадувачки број на диви животни, од мошус волови и карибу до арктички лисици и белоопашести орли и дури 15 различни видови китови, велат авторите на водичот.
Патувања со брод низ фјордовите околу Нук или меѓу глечерите во близина на Илулисат се многу популарни, а за оние кои уживаат во пешачењето, има одлични можности да ја истражуваат природата.