Трамп го избра антиваксерот Роберт Кенеди Џуниор за министер за здравство

23
EPA-EFE/DAVID BLAKEMAN

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе го номинира Роберт Ф.Кенеди Џуниор за секретар во Министерството за здравство и социјални служби, со што тој ќе биде задолжен за огромното министерство, кое надгледува се од безбедноста на лековите, вакцини, храна, до медицински истражувања и социјалните програми Медикер и Медикејд, потврдил за Њујорк Пост извор запознаен со одлуката.

„Американците предолго беа задушени од индустрискиот прехранбен комплекс и фармацевтските компании кои се занимаваа со измами, дезинформации кога станува збор за јавното здравје“, напиша Трамп на својата социјална мрежа True Social објавувајќи го назначувањето.

Трамп додаде дека Кенеди ќе ја направи „Америка повторно голема и здрава“.

Кенеди е поранешен демократ кој влезе во овогодинешната претседателска трка како независен кандидат, но се откажа во август кога склучи договор со Трамп да го поддржи со ветување дека ќе има улога во здравствената политика на администрацијата на Трамп. Оттогаш, тој и Трамп станаа добри пријатели, а Кенеди често добиваше овации на митинзите на Трамп.

Кенеди долго време беше скептичен за вакцините. Тој е адвокат кој изгради лојални следбеници во текот на неколку децении, кои се восхитуваат на неговите тужби против водечките фармацевтски и компаниите за пестициди. Тој се залагаше за построги прописи за состојките на храната.

Во кампањата на Трамп, тој работеше на добивање поддршка меѓу младите мајки особено со порака да се направи храната поздрава во САД, ветувајќи дека ќе ги земе европските регулативи како модел. Парафразирајќи го слоганот на кампањата на Трамп, тој ја нарече неговата акција „Да ја направиме Америка повторно здрава“.