Трамп ги сака и нуклеарките на Украина, вели дека американската сопственост  ќе биде заштита од руски напади

33

Според двајца украински функционери, Вашингтон сака Киев да се согласи со прецизни одредби за тоа кој ќе има сопственост и контрола на заедничкиот инвестициски фонд. Покрај тоа, САД би можеле да бараат сопственост и на други важни економски ресурси, вклучувајќи ги и украинските нуклеарни централи. Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц, објавија дека Трамп и Зеленски во телефонскиот разговор неделава „расправале за снабдување со електрична енергија во Украина и за нуклеарните централи“.

 

Договорот за ретки минерали со Киев ќе биде потпишан наскоро, а напорите на САД за постигнување мировен договор за ставање крај на војната во Украина одат „прилично добро“, рече американскиот претседател Доналд Трамп по неговите разговори оваа недела со украинскиот и рускиот лидер.

-Потпишуваме и договори низ светот за добивање ретки минерали и многу други работи, додаде тој и посочи дека Украина има особен приоритет.

Но, како што објави Фајненшл тајмс (ФТ), неговата администрација бара нови услови за да можат американските компании да пристапат до клучните минерали и енергетски ресурси во Украина. Исто така, дополнително ги зголемува економските барања од Киев, а во исто време се обидува со Русија да преговара за мировен договор. Според двајца украински функционери, Вашингтон сака Киев да се согласи со прецизни одредби за тоа кој ќе има сопственост и контрола на заедничкиот инвестициски фонд. Покрај тоа, САД би можеле да бараат сопственост и на други важни економски ресурси, вклучувајќи ги и украинските нуклеарни централи, пренесува Индекс.хр.

Според информациите што ги објавија американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц, Трамп и Зеленски во телефонскиот разговор неделава „расправале за снабдување со електрична енергија во Украина и за нуклеарните централи“.

-Претседателот Трамп рече дека Соединетите Држави можат да помогнат во управувањето со овие електрани, благодарение на нивното искуство во енергетските и комуналните сектори, се вели во резимето на разговорот. Се додава дека американската сопственост на овие системи би претставувала „најдобра заштита“ за енергетската инфраструктура на Украина.

Во средата, за време на онлајн брифингот со новинарите, Зеленски рече дека со Трамп разговарал само за една нуклеарна централа, онаа во Запорожје, која е најголема во Европа. Оваа електрана се наоѓа 650 километри југоисточно од Киев, на реката Днепар, а е под контрола на руската војска од март 2022 година. Нејзините шест реактори моментално се во состојба на таканаречено ладно гаснење.

Администрацијата на Трамп смета дека американските економски инвестиции во Украина се доволна безбедносна гаранција која треба да ја спречи Русија да почне нов напад по евентуалниот прекин на огнот. Во новиот договор е отстранета претходната процена за потенцијален приход од 500 милијарди долари од експлоатација на минерали и ги исклучува постојните рударски проекти кои веќе го полнат украинскиот државен буџет, кои беа во претходната верзија од февруари, што ја објави ФТ. Но, сега е додадена реченицата „САД ги поддржуваат украинските напори да ги добијат безбедносните гаранции неопходни за траен мир“. Зеленски побара експлицитна американска гаранција за безбедноста на Украина во замена за споделување на приходите од нејзините богати природни ресурси.

Сепак, како што пишува Индекс.хр, договорот што Украина го сметаше за задоволителен сè уште не е потпишан. Двете страни и понатаму преговараат за поширок пакет што вклучува економски и безбедносни прашања.

-Подготвени сме да потпишеме. Би било чудно да се игнорира , изјавува висок украински функционер близок до Зеленски.

Двајца високи украински функционери вклучени во преговорите со Американците изјавија дека администрацијата на Трамп сè уште не ги претставила новите формални услови, а еден од нив вели дека е јасно дека Американците работат на поголем договор.

Украинската опозиција не се сложува со ваквите договори, а во Украина постои голема загриженост во врска со нив.

-Од кога предавањето стратешки сектор на странска држава значи безбедност? напиша украинската опозициска пратеничка Ина Совсун на платформата Икс.  „Тоа повеќе звучи како преземање отколку како заштита“, предупреди таа.

ИЗДВОЕНИ