Американскиот претседател Доналд Трамп најави целосно запирање на сите „реципрочни“ царини кои стапија на сила на полноќ – со исклучок на оние поврзани со Кина.
Тој ја сподели објавата преку социјалната мрежа Truth Social.
„Врз основа на недостигот на почит што Кина го покажа кон светските пазари, со ова ја зголемувам царината што САД ѝ ја наплаќаат на Кина на 125 отсто, која ќе стапи на сила веднаш. Се надевам дека Кина, во не така далечна иднина, ќе сфати дека деновите на искористување на предностите на САД и другите земји станаа неодржливи и неприфатливи“, напиша Трамп, продолжувајќи:
„Од друга страна, и имајќи го предвид фактот дека повеќе од 75 земји се обратиле до претставници на Соединетите држави – вклучително и министерствата за трговија, финансии и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) – за преговори за решавање на теми поврзани со трговијата, трговските бариери, царините, манипулацијата со валутата и нетарифните мерки, како и фактот дека дека овие земји, на моја изречна препорака, не презедоа никакви контраиндикативни мерки на САД, одобрувам 90-дневна ПАУЗА и значително намалување на реципрочните царини во тој период – на десет проценти, исто така со моментален ефект. Ви благодариме за вниманието!“, напиша американскиот претседател.