Трамп дал инструкции да го избришат Иран од лицето на земјата ако го убијат во атентат

150

Американскиот претседател Доналд Трамп на своите советници им оставил детални инструкции како да го уништaт Иран доколку биде убиен во обид за атентат.

-Ако го направата тоа, ќе бидат избришани од лицето на земјата, им рече Трамп на новинарите, додека потпишуваше извршна наредба со која ѝ се наредува на американската влада да изврши максимален притисок врз Техеран, пренесе АП.

Оставив инструкции. Ако се обидат, ќе бидат уништени, ништо нема да остане од нив, рече тој. Сепак, кога би дошло до ликвидација на Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс би станал претседател, но не би бил обврзан со никакви упатства оставени од претседателот.

Оваа реакција на американскиот претседател се врзува со случај од ноември лани кога Министерството за правда соопшти  дека спречило ирански заговор за атентат врз Трамп пред претседателските избори. Федералните власти со години ги следат иранските закани за Трамп и за другите официјални личности во неговата администрација. Во 2020 година Трамп нареди убиство на Касем Сулејмани, водач на исламската револуционерна гарда и командант на специјалната единица Кудс.

Заканите кон Трамп од Иран доведоа до зајакнати мерки за безбедност во деновите пред предизборниот собир во Пенсилванија во јули, каде што Трамп беше погоден во уво. Сепак, тогаш официјалните процени беа дека Иран не е поврзан со обидот за атентат.

Министерството за правда тврдеше дека официјални претставници на Иран му наредиле на 51-годишниот Фархад Шакери да се фокусира на следење и ликвидација на Трамп, иако Шакери сè уште се наоѓа во Иран. Официјален Иран, пак, ги отфрла тие обвинувања и ги поврзува со идеја дополнително да се усложнат иранско-американските односи. Но, истражителите за планот за ликвидација на Трамп дознале од Шакери. Тој е обвинет оперативец, државјанин на Авганистан кој живее во Иран и веќе лежел во американски затвори заради грабежи. На истражителите од ФБИ им рекол дека контакт од иранската паравоена Револуционерна гарда во септември му дал инструкции да ги прекине другите задачи и во рок од седум дена да состави план за следење и убиство на Трамп.

Инаку, Трамп претходно потпиша претседателски меморандум, со кој повторно се воведуваат мерки со цел Иран да се спречи да успее да произведе сопствено нуклеарно оружје и да се ограничи извозот на иранска нафта на другите земји, пренесе „Ројтерс“.  Но, изјавил и дека е подготвен да се сретне со иранските лидери со кои би сакал да постигне договор за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји.

ИЗДВОЕНИ