Трамп: Да останеше Бајден уште една година ќе имавме трета светска војна, а јас ќе го спречам тоа

266

Планот на кој се противат Германија, Шпанија и Италија, а е поддржан само од Британија и Франција, предвидува испраќање 30.000 европски војници во Украина како гаранција за мир. Против таков план е Русија, а и Украина наместо 30.000 бара 200.000 војници. Украина и Русија би можеле да постигнат договор за прекин на огнот до крајот на годинава, изјави вчера шефот на украинската воена разузнавачка служба ХУР, Кирило Буданов

 

По инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп светот очекуваше мир, а доби војна на зборови. Руско-украинскиот конфликт на терен сè повеќе се разгорува, додека оние од кои се очекува да му стават крај – САД, Европската Унија, Русија и Украина се надмудруваат. Да не беше толку сериозна таа ситуација, би можела да се етикетира како забава за народ.

Најновите информации што ги лиферуваат светските медиуми се дека европски челници, кои два дена состанчеа додека луѓето на Трамп и на Путин ги зацврстуваа односите меѓу двете земји, ќе патуваат за САД на средба со претседателот и со подготвен план за мир во Украина. Трамп потврди дека „можеби в понеделник„ во Вашингтон го очекува својот француски колега Емануел Макрон, со кога треба да разговара за несогласувањата околу решавање на судирот во Украина. Инаку, Макрон последен пат се сретна со Трамп пред неговата инаугурација, на почетокот на декември, а на тој состанок во Елисејската палата учествуваше и украинскиот претседател Волидимир Зеленски. Следната недела за Вашингтон треба да отпатува и британскиот премиер Кир Стармер, кој во својата актовка ќе понесе и план за распоредување на војници како гаранција за мир при обновата на Украина. Тој план, како што пишува британски „Телеграф“, предвидува околу 30.000 европски војници да се распоредат во украинските градови, пристаништа и покрај критичната инфраструктура вклучувајќи и нуклеарните електрани, но далеку од актуелните фронтови. Наместо поголем копнен контингент, мисијата би се потпирала на „технички надзор“, вклучувајќи разузнавачки и извидувачки авиони, дронови и сателити за целосно следење на ситуацијата, изјави западен функционер. Операцијата би била поддржана со доволно огнена моќ за „надгледување и неутрализирање на закани“, со цел повторно отворање на украинскиот воздушен простор за комерцијални летови. Дел од планот е и испраќање на поморски патролни бродови во Црното Море за надзор на можните руски закани кон трговските морски рути.

Овој план би бил тешко спроведлив и затоа Русија е против него, а не е по мерка ниту на Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, веднаш јасно порача дека секое присуство на НАТО трупи на територијата на Украина е апсолутно неприфатливо за Русија. Украина, пак, побара 200.000 војници како услов за потпишување мировен договор. Исто така и Германија, Шпанија и Италија се противат на испраќање копнени трупи, па по сè изгледа дека посетата на Макрон и на Стармер на Вашингтон ќе биде повеќе туристичка, отколку деловна.

Во меѓувреме Трамп се огласи со нови „хит“ изјави и ја продолжи вербалната војна со Зеленски. Тој вчера рече дека третата светска војна не е така далеку, но  е уверен дека тој како претседател ќе спречи да се случи.

-Погледнете колку смрт има на Блискиот Исток и во војната што се случува меѓу Русија и Украина. Ние тоа ќе го завршиме. Нема никаква корист од трета светска војна, а не сме толку далеку од неа. Да ја имавме администрацијата на претседателот Џо Бајден уште една година, ќе бевме во трета светска војна, а сега за време на мојот мандат тоа нема да се случи, рече Трамп, додавајќи дека брзо дејствува да и го врати мирот на планетата, зашто не сака да гледа убивање на луѓе.

Трамп продолжи и со критиките на сметка на Зеленски. Го опиша како скромно успешен комичар и диктатор без избор, повторувајќи ги наративите кои често ги користи руската пропаганда. Во одбрана на украинскиот претседател излезе Европската Унија.

-Украина е демократија, Путиновата Русија не е, рече портпаролот на ЕУ, Стефан де Керсмакед, посочувајќи дека не може да има решение за Украина без Украина и без ЕУ, зашто, како што рече, безбедноста на Украина е безбедност на ЕУ.

Украина и Русија би можеле да постигнат договор за прекин на огнот до крајот на годинава, изјави вчера во интервју шефот на украинската воена разузнавачка служба ХУР, Кирило Буданов.

-Колку ќе трае тоа и колку ќе биде корисно, е друга работа, рече тој во интервјуто.

ИЗДВОЕНИ