Може да се каже дека е осигурување. Мислам дека никој нема да си игра со тоа ако сме таму со многу работници и работиме со ретки метали и други работи што ни се потребни, рече Трамп. Се проценува дека околу пет отсто од светските „критични суровини“ се наоѓаат во Украина, а меѓу нив и околу 19 милиони тони резерви на графит, што, според Украинската Државна геолошка агенција, ја става Украина меѓу петте водечки земји според резервите на овој вреден минерал. Но, „Политико“ деновиве ја пласираше информацијата дека Украина всушнот не е толку богата колку што се мисли, зашто проценките се стари, уште од времето на Советскиот сојуз и во нив не е земена во предвид профитабилноста
Или наскоро ќе има мировен договор или воопшто ќе го нема, нагласи американскиот претседател Доналд Трамп денеска пред да се сретне со украинскиот колега Володимир Зеленски за да потпишат договор со кој САД би добивале дел од приходите од експлоатација на украинското рудно и минерално богатство. Зеленски бара безбедносни гаранции за Украина кои ќе го поткрепат секој потенцијален мировен договор, а по ова прашање Трамп кусо вели дека е „отворен за многу работи“. Според него присуството на американски рударски компании во Украина би можело да дејствува како пречка за идни руски напади.
-Може да се каже дека е осигурување. Мислам дека никој нема да си игра со тоа ако сме таму со многу работници и работиме со ретки метали и други работи што ни се потребни, рече Трамп.
Но, какво богатство се крие под украинското тло и како тоа одеднаш стана главен приоритет во напорите да се стави крај на војната што трае три години? Се проценува дека околу пет отсто од светските „критични суровини“ се наоѓаат во Украина, а меѓу нив и околу 19 милиони тони резерви на графит, што, според Украинската Државна геолошка агенција, ја става Украина меѓу петте водечки земји според резервите на овој вреден минерал која е клучен за производство на батерии за електрични возила. Покрај тоа, се смета дека Украина има една третина од сите европски наслаги на литиум, што е исто така важно за производство на модерни батерии. Областа што геолозите ја нарекуваат „Украински штит“ во која во древните карпи се крие литиум се наоѓа во централниот дел на земјата и се протега од северната граница со Белорусија до брегот на Азовското Море. Според некои процени, во Украина се откриени околу 820 квадратни километри литиум, од кои е можно да се добијат и до 500.000 тони од бараниот метал. Има вкупно четири наоѓалишта на литиум од кои две се во подрачја под руска окупација.
Пред руската инвазија, Украина имаше седум проценти од глобалното производство на титаниум, лесен метал што се користи во изградбата на сè, од авиони до електрани. Украина има и значителни резерви на ретки метали – група од 17 елементи кои се користат во производството на оружје, турбини на ветер, електроника и други производи клучни за модерната технологија. Во анализата на Светскиот економски форум објавена во јули минатата година се наведува дека разновидните геолошки зони на Украина ја сместуваат меѓу 10-те најголеми светски снабдувачи со минерални ресурси. Оваа земја има околу 20.000 наоѓалишта на минерали и е клучен потенцијален снабдувач со титаниум, литиум, берилиум, манган, галиум, ураниум, циркониум, графит, апатит, флуорит и никел.
Според украинската министерка за економија Јулија Свириденко, ресурсите во вредност од околу 350 милијарди долари моментално се наоѓаат на окупираните територии. Според проценката за 2022 година на канадската консултантска компанија за геополитички ризик SecDev, Русија окупирала 63% од рудниците за јаглен во Украина и половина од резервите на манган, цезиум, тантал и метали од ретки земји.
Критичните минерали се основата на економијата на 21 век, но се поставува прашањето дали тие пет отсто од светските резерви на вредни минерали што се наоѓаат во Украина се навистина нешто што може значително да влијае на геополитичката трка во новите технологии. Во овој контекст, на САД им е потребен пристап до украинските ресурси за барем делумно да ја намалат зависноста од Кина, која контролира една третина од светските резерви на ретки метали.
„Политико“ денеовиве го постави прашањето дали со договорот за минералите Зеленски го надмудрил Трамп пласирајќи ја тезата дека Украина всушнот не е толку богата колку што се мисли, зашто проценките се стари, уште од времето на Советскиот сојуз и во нив не се земени во предвид профитабилноста, односно трошоците за експлоатација. Иако Украина известува за повеќе од 20.000 истражени наоѓалишта и локации на минерали, само околу 8.000 се оценети како профитабилни. Од нив, помалку од половина беа експлоатирани пред Русија да ја почне својата инвазија на Украина пред три години. Весникот наведува дека според украинското Министерство за природни ресурси и животна средина, украинската почва содржи околу пет отсто од критичните суровини во светот, но проценетата вредност се базира главно на советските истражувања спроведени помеѓу 1960-тите и 1980-тите, а податоците често се нецелосни, расфрлани низ земјата и сè уште се дигитализираат.