Трагедијата во Кочани ќе ги отвори и „заташканите“ случаи за Ласкарци, модуларна и „Беса транс“

Анкетната комисија ќе ги опфати и „заташканите“ случаи за Ласкарци, модуларна и „Беса транс“. Тие треба повторно да бидат разгледани, затоа што се чини дека биле „заташкани“, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Тие случаи, рече Мицкоски, завршија со нула приведени, додека за трагедијата во Кочани, веќе има 34 приведени лица. Одговарајќи на новинарско прашање дали верува дека судиите во Македонија можат да спроведат независна истрага за пожарот во Кочани, премиерот рече дека нема простор за импровизација, сите случаи кои во минатото беа „заташкани“ треба да се разгледаат повторно

55

Повеќе нема простор за импровизација, сите случаи кои во минатото беа „заташкани“ треба да се разгледаат повторно, порача премиерот Христијан Мицкоски, на прес-конференција во Владата. Одговарајќи на новинарско прашање дали верува дека судиите во Македонија можат да спроведат независна истрага за пожарот во Кочани, Мицкоски истакна дека случаите за Ласкарци, Беса транс и Модуларната болница треба повторно да бидат разгледани, затоа што се чини дека биле „заташкани“. Тие случаи, рече Мицкоски, завршија со нула приведени, додека за трагедијата во Кочани, веќе има 34 приведени лица.

-Кога зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба за сите оние случаи кои во минатото беа набрзина завршени, или народски кажано заташкани, да ги разгледаме повторно. Да видиме дали и како е стигнато до таа правда за која досега, барем во дел од случаите се завршени само во прв степен, сè уште во втор степен не се завршени. Ако вистински сакаме ресет тогаш ќе треба тоа да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во тие случаи – и во случајот Ласкарци, и во Беса транс, и во Модуларната болница… Има многу прашања кои што треба да бидат одговорени, ако навистина сакаме отчетност, затоа што тие случаи кога се случија завршија со нула приведени, додека во случајот во Кочани досега има 34 и огромен број на поранешни и сегашни официјални лица се повикани од страна на Обвинителството преку МВР на информативен разговор, изјави премиерот.

Мицкоски се повика на иницијативата во рамки на Парламентот да се формира анкетна комисија за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и таа комисија да ги разгледа и случаите со Беса транс, Модуларната болница и Ласкарци, а јавноста да има увид во процесите. Премиерот потврди дека постои политичка волја да се даде поддршка да се расчисти и со овие три случаи.

-Нашата пратеничка група предложи и стои на тоа да се прошири и за овие други три случаи, така што таму може да има јавна дебата, да се разговара, да се отворат сите аргументи и сето тоа што претставува сомнеж таму да биде презентирано. Со сите, нема простор повеќе за импровизација, мора со сите да се расчисти и јавноста сето тоа да го набљудува, инаку нема да имаме напредок. Ќе ни се повторуваат овие работи, изјави премиерот.

На новинарско прашање дали може да се очекува со истрагата да бидат опфатени и актуелни владини функционери, или одговорни лица во полицијата и други институции да поднесат оставки од морални причини, Мицкоски рече дека тоа е работа на Обвинителството.

-Истрагата ја води Јавното обвинителство, а не Владата, и тоа е прашање за Јавното обвинителство. Ако цените дека јас треба да поднесам оставка од морални причини нема проблем тоа да го сторам, рече премиерот Мицкоски.

Претходно, изминатиот викенд и Алијанса за Албанците од крилото на Таравари усвои резолуција за трагедијата во Кочани. Со резолуцијата, во осум точки, партијата бара институционална одговорност и спроведување на целосна, независна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, под раководство на надлежните институции, ослободени од секакво политичко влијание. Собранието на АА бара повторно отворање на истрагите за претходните трагедии „Дурмо турс“, „Беса транс“ и „модуларната болница“ во Тетово, кои заедно однесоа животи на 135 граѓани и за кои сè уште не е утврдена институционална или индивидуална одговорност. Се бара и јасна идентификација и утврдување на одговорноста. Од партијата велат трагедијата во Кочани не смее да се сведе на болна статистика, туку мора да послужи како пресвртница во градењето на нова култура на одговорност, безбедност и владеење на правото во Македонија.

-Се потенцира неопходноста од зајакнување на транспарентноста и отчетноста, преку објавување на инспекциските постапки, контролни извештаи и редовно и достапно споделување на податоци со јавноста. Се бара детална проверка на имотот и интересите на сите одговорни функционери и инспектори, со цел откривање на евентуален судир на интереси или можни коруптивни врски со инспектираните субјекти. Се препорачува спроведување на вонреден надзор во сите објекти со висок ризик, во согласност со меѓународните безбедносни стандарди, особено во секторите за угостителство, здравство, образование, спорт, транспорт и градежништво. Се бара итна реформа на казнената политика, што ќе обезбеди правични, строги и спроведливи санкции за сите оние кои, преку свои дејствија или пропусти, придонеле до случување на вакви трагедии. Се инсистира на итна и целосна примена на сите антикорупциски препораки дадени од Комисијата за антикорупција и Државниот завод за ревизија, без одлагање, отстапување или селективност, пишува во усвоената резолуција. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ