Регионалниот ЦУК Тетово, извести дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 11.57 часот, вчера бил примен повик за исчезната повозрасна планинарка (72-годишна) на Шар Планина во реон на Љуботен, по што е организирана потрага што продолжи и денеска од утрово, кога се раздени.
Во потрагата беа вклучени ренџери од НП „Шар Планина“ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР, 5 полициски службеници од ПС Теарце. Утрово, од НП „Шар Планина“ известија дека денеска во 07.30 часот е пронајдена жената во месноста „Ружен Камен“, но без знаци на живот. За извлекување на настраданата жена од тежок и непристапен терен се интервенира и од страна на алпинистот Надир Мурсели, којшто помага при вакви случаи на Шар Планина. Увид на местото ќе изврши екипа од СВР Тетово, а е известен и Јавен обвинител, извести ЦУК.