Планинарите од планинарскиот клуб „Љуботен“, согласно традицијата, во четвртокот го искачија врвот Љуботен, на надморска височина од 2.499 метри. На ова искачување одат само неколкумина исклучително искусни планинари.
– Членови на планинарскиот клуб „Љуботен“, во променливи временски услови проследени со силен ветер, традиционално се искачија на врвот Љуботен и со тоа симболично ја отворија шарпланинската порта. Ова искачување има големо значење за нив, бидејќи со тоа го означуваат почетокот на Новата година и отворање на едно ново планинарско патешествие кое ќе биде исполнето со радост и убави моменти. Неслучајно ова искачување се реализира на христијанскиот празник „Свети Игнат“, бидејќи според народните преданија постои верување дека што ќе правите на овој ден, ќе правите цела година – информира Славчо Костовски од ПК Љуботен.
Како што посочуваат од ПК „Љуботен“ оваа година прославуваат и јубилеј 100 години од основањето на клубот.
– Оваа година славиме нешто повеќе од јубилеј – славиме 100 години традиција, меѓусебна почит и градење на вредности. ПК „Љуботен“ отсекогаш бил многу повеќе од клуб. Тоа е заедница што ги поврзува срцата на љубителите на планините, историја што сведочи за упорноста на генерациите, и визија што ја обликува иднината на планинарството во Република Македонија – велат од клубот.
Програмата на клубот годинава предвидува многу искачувања кои претежно ќе се одвиваат на шарпланинските врвови, но и на врвови низ државата и во други земји.