Традиционалните празнични честитки се враќаат во мода

40

Социјалната мрежа „Тик-ток“ е ставена на пиедесталот на лоши трендови што младите ги испробуваат. Предизвикот Супермен стана толку популарен што и во Македонија успеа да ги наполни болниците и да испрати многу деца во нив поради скршеници и повреди на рацете, нозете и на главата. Дури и на видеата што се објавуваат, младите јавно признаваат дека морале да посетат некоја здравствена установа поради повреди или скршеници. Моментално, во некои земји се размислува и за тотално исклучување на апликацијата со цел да се избегнат несакани ефекти.

Но, и покрај сево ова горенаведено, не е сè така црно како што ни изгледа. Социјалните медиуми имаат и прекрасни предизвици, кои не само што се корисни за младите туку се и едукативни и ги будат спомените од детството. На социјалната мрежа „Инстаграм“ постојат триесетина профили и сите се од Македонија, кои, преку својата креативност, но и љубовта кон книгите, шират порака до сите оние што ги следат.

Тие секојдневно препорачуваат и објавуваат книги за кои се сигурни дека би им се допаднале на љубителите на читањето, споделуваат свои искуства и ги рангираат книгите според своите критериуми. Со ова, тие испраќаат едена порака до младите: дека е убаво да се чита, но дека е добро да се поттикне креативноста. Тие имаат и име и си ја нарекуваат својата публика „книгољупци“, тоа се сите оние луѓе што ја следат социјалната мрежа „Инстаграм“, но се присутни и на другите социјални мрежи како „Фејсбук“ и „Твитер“.

Една од нив, која си има свој профил на „Инстаграм“, е Виолета Ефтимова, која не е писателка, но сака да пишува кратки раскази. Има 31 година и е од Штип. За себе вели дека уште од средно училиште сака да чита книги и дека го прави тоа и преку својот профил  vikis_readingslist, каде што секојдневно им препорачува литература на своите следачи. Пред две недели, во текот на новогодишната  еуфорија, Викторија реши да направи еден интересен предизвик на социјалната мрежа „Инстаграм“. Сакајќи да ги врати духот на детството и детските спомени, таа објави повик за испраќање новогодишни честитки. Сите оние што го следат нејзиниот инстаграм-профил и имаа интерес, можеа да ѝ се обратат за да испратат, но и за да добијат новогодишна честитка.

Во разговор со неа, таа ни откри дека ја добила инспирацијата од девојка што испратила новогодишни честитки, а како што вели и самата, идејата за оваа иницијатива ја добила од спомените од своето детство и сака да се врати тоа во мода.

– Оваа идеја, искрено, ме потсетува на времето кога, како мали, испраќавме честитки и ми беше забавно да организирам, барем на некој начин да се врати тоа време. А, испраќањето честитки е дефинитивно нешто што може да се врати во мода – Викторија Ефтимова, иницијатор на предизвикот.

Испраќањето новогодишни честитки беше една традиција што се практикуваше со години, но со развојот на новата технологија, ретки се луѓето што одат во пошта и испраќаат честитки. Тоа сега се прави преку виртуелни пораки на социјалните мрежи и со испраќање неколку сликички со новогодишна содржина. Возбудата што ја носевме со себе додека ги праќавме честитките по пошта, но и исчекувањето дека некој ќе ни подари честитка, беа незаборавни.

Сепак, Викторија не е единствената што објавува ваква содржина и е иницијатор на предизвик. Покрај неа и покрај сите профили што се поврзани со читањето, на оваа социјална мрежа постојат стотина и стотина профили и сите доаѓаат од Македонија. Во прашање се креативни луѓе, кои секојдневно објавуваат дел од својата лична поезија, проза или цитати што се нивни, но и цитати од најпознатите лица. Покрај сево ова, тие објавуваат поезија од нашите најпознати писатели како Кочо Рацин, Петре. М Андреевски, Гане Тодоровски, но и од познати светски писатели. Дел од нив издвојуваат и реплики од најпознатите македонски филмови и театарски претстави, а меѓу најпопуларните се оние на Горан Стефановски. Се пишува за сè, за љубовта, за среќата, за тагата, за разочарувањето. Дел од овие млади креативни луѓе веќе имаат објавено и свои лични стихозбирки и романи. Исто како и Викторија, и тие, во екот на Нова година, го направија предизвикот на благодарноста. Секој од овие профили имаше објавено за сето она за кое е благодарен и кое им се случило во старата 2024 година.

Предизвикот на Викторија, предизвиците на другите профили и нивните содржини се доказ дека во Македонија има заинтересираност за читање и за пишување, но и дека тие, исто така, се еден едукативен пример за младите дека социјалните медиуми не се само опасни предизвици што сите сакаат да ги направат. Преку своите објави, тие поттикнуваат на креативност, забава, но и порака до сите следачи дека е убаво да се чита и да се пишува. Тие ја развиваат креативноста во Македонија и поттикнуваат на убави нешта. На Интернет постојат многу едукативни содржини, а овие луѓе се доказ за тоа. (С.Б.)

ИЗДВОЕНИ