Овој викенд, во општина Кисела Вода ќе се одвива традиционалното „Кино на отворено. Бесплатните филмски проекции ќе се прикажуваат во паркот Македонија, пред Домот на Култура „Билјана Беличанец”.
Љубителите на филмската уметност ќе имаат можност да уживаат со филмовите од македонски автори наградувани на меѓународни реномирани филмски фестивали.
Секоја вечер од 21 часот жителите на град Скопје и пошироко ќе имаат можност да уживаат со продукцијата на македонската современа кинематографија.
В сабота ќе можат да се проследат краткометражни филмови и тоа: од 21 часот – ,,Кутии” од Ангела Димеска, „Девојчето со ќибритчињата” од Филип Матевски, ,,Кога не нема” од Стефан Палитов. Од 22 ќе се прикажува долгометражниот филм ,,Дедо и внук” од Илија Пиперковски, како и краткометражни филмови: „Карма” од Владимир Митревски, „Си беше еднаш еден звук”.
В недела пак на репертоарот од 21 часот се краткометражни филмови: „ Шекспирова 19″ од Владимир Митревски, „Ќе му се јавам на татко ти” од Леон Ристов, „Брат за еден ден” од Стојан Вуичиќ. Од 22 часот ќе може да се проследи долгометражниот филм „Ова не е американски филм” од Сашо Павловски, а потоа и краткометражните филмови: „Еден” од Вардар Тозија и „Епизодист” од Игор Александров.