Товарот што сакаме да го оставиме во 2024 година, ќе тежи и во 2025: Светот меѓу две војни, една слобода, новата фризура на Трамп и шестиот мандат на мачорот Лери

126

Соочени со опасноста од нуклеарна војна, некои земји ги советуваат граѓаните што да прават и што да складираат. Едни чистат или градат засолништа, други чекаат да видат што ќе се случи, а Швајцарија е единствената земја во светот во која има каде да се скријат сите нејзини жители. За една година, убиени се повеќе од 45.000 Палестинци во појасот Газа, а енклавата е претворена во урнатини. Републиканскиот кандидат Доналд Трамп влезе во трката за претседател (по вторпат) со пресуда за финансиски криминал, а неговиот демократски противкандидат, Џозеф Бајден, се откажа пред самиот крај, откако се забавуваше светот со неговите многубројни гафови

 

Два фронта, страв од нуклеарна војна, една несигурна слобода, многу неморал, подивена природа… Ова е товарот што го остава светот во 2024 година, но ретко кој верува дека нема да му тежи и во 2025.

Руско-украинскиот фронт е активен повеќе од 1.000 дена. Украинците бараат и делумно добиваат помош од сојузниците, а Русите се закануваат со употреба на нуклеарно оружје. Сега светот го обзема најголемиот страв по Втората светска војна. Некои земји ги советуваат граѓаните што да прават и што да складираат за случај на нуклеарен напад. Едни чистат или градат засолништа, други чекаат да видат што ќе се случи, а Швајцарија е единствената земја во светот во која има каде да се скријат сите нејзини жители. Дел од воените стручњаци тврдат дека третата светска војна е почната. А како што стојат работите, пред влезот во новата година, тешко дека ќе тргне нешто на подобро во догледно време. Формулата за мир допрва треба да се бара.

На другиот фронт, на Истокот, извесно време завладеа лабаво примирје. Старите израелско-палестински непријателства во 2024 година добија лик на жестока војна. Во пресметките со Хамас и со Хезболах, Израел уби повеќе нивни водачи и му даде нова димензија на војувањето, убивајќи членови на Хезболах со експлозии на воки-токи и на пејџери. Либан стана колатерална штета во пресметките на Израел со Хезболах, кој е стациониран таму. Примирјето на крајот од ноември малку ги намали тензиите, но и понатаму нема ден без жртви. За една година, убиени се повеќе од 45.000 Палестинци во појасот Газа, кои Израел ги напаѓа, а Хамас и Хезболах ги бранат. Секој ден се бројат нови жртви на израелската војска во Газа, а енклавата е претворена во урнатини. Сега Израел се справува со Хутите, стрелајќи кон Јемен.

А за да не биде сè црно, во 2024 година доживеавме и еден мир. Заврши 14-годишната граѓанска војна во Сирија. Пред самиот крај на годината, бунтовниците успеаја да го соборат режимот на претседателот Башар ал Асад. Тој и неговото семејство избегаа во Русија, каде што претседателот Владимир Путин им даде азил. Сега се трага по нивното богатство, кое се проценува на повеќе милијарди евра, а во воздухот лебди прашањето дали оваа слобода е вистинска слобода, зашто сè зависи од тоа кој ќе седне во фотелјата на Асад.

Белег на 2024 година ѝ дадоа и најнеобичните избори за претседател на САД досега. Републиканскиот кандидат Доналд Трамп влезе во трката за претседател (по вторпат) со пресуда за финансиски криминал, а неговиот демократски противкандидат, Џозеф Бајден, се откажа пред самиот крај, откако се забавуваше светот со неговите многубројни гафови. На местото на Бајден дојде неговата потпретседателка, Камала Харис, која доживеа сериозен пораз на изборите и покрај анкетите, кои покажуваа дека гласовите се, горе-долу, изедначени. Новиот американски претседател ,Трамп, ќе биде инаугуриран на 20 јануари, и дотогаш не седи со скрстени раце. Тој веќе ја состави својата администрација во која најде место и за најбогатиот човек на светот, Илон Маск, па дури и изненади со нова фризура. Од него се очекува да ги исполни ветувањата дадени во кампањата: дека ќе донесе мир во светот.

Десничарите се во офанзива во Германија, со победата на покраинските избори, а Владата на канцеларот Олаф Шолц ја изгуби довербата. За два месеца ќе има избори, а прогнозите кажуваат дека еден од најдобрите резултати ќе имаат ултрадесничарите. Кој и да дојде таму на власт, ќе има тешка задача: да ја оправа германската економија, која од ден на ден сè повеќе пропаѓа.

Смена во врвот имаше и во Велика Британија. На изборите победија лабуристите, изгубија конзервативците, а на „Даунинг стрит“ 10 единствен што го тера шестиот мандат по ред е мачорот Лери. Тој е и единствениот во таа приказна што ги собра симпатиите, и тоа не само на Британците. Од Обединетото Кралство, во 2024 година, во светот силно одекна веста за болестите во кралското семејство. И кралот Чарлс и неговата снаа, принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, се лекуваа од рак. На кралот веќе му го организираа и погребот, а за принцезата недостигаа информации, што ги подгреа шпекулациите, кои одеа дотаму дека се развела од принцот Вилијам. По тешката битка со болеста, поради која ја немаше со месеци во јавниот живот, Британците сега ја гледаат почесто, додека најновата вест за кралот е дека уште треба да се лекува.

Не изостанаа ни терористички напади. Најтешкиот се случи во Москва. Вооружени лица влегоа на концерт во комплексот „Крокус“ и убија 144 лица. Беа уапсени 12-мина терористи и однесени во притвор. Тоа се случи во мај, но до ден-денес нема информации за процесот против нив.                                                            Немирно беше и на Балканот. Две несреќи ги сплотија емоциите на жителите од регионот. Во март, исчезна двегодишната Данка Илиќ од Бор, а по 10 дена потрага по неа, беа уапсени двајца мажи осомничени дека ја убиле. Нејзиното тело не е најдено, а обвинението против убијците е стокмено и се чека судење. Во ноември, во Нови Сад падна натстрешницата на Железничката станица додека ја реконструираа. Загинаа 12 лица, меѓу кои и еден македонски државјанин, а повредени се две лица. Оваа трагедија е причина што опозицијата, студентите и средношколците цело време протестираат барајќи одговорност, а во поново време – сè посериозно и смена на власта. Една трагедија, пак, доби епилог. По една и пол година судски процес, на максимални 20 години е осуден Урош Блажиќ, кој во мај 2023 година уби 12 млади луѓе во две села во близина на српскиот град Младеновац.

Луѓето како да подивеа. Имаше атентати, убиства, апсења и судења на педофили, родители си ги убиваа децата, деца убиваа деца … Во Франција се откри најгрозоморното злосторство што го потресе светот: маж ја дрогирал сопругата и за пари давал сексуално да ја злоупотребуваат. Тој е осуден на доживотен затвор, а јавноста ја прогласи сопругата, која бараше во судскиот процес да се видат сите мачни детали, за херој.

И сега кој да се сети дека во 2024 година се случило нешто убаво на глобално ниво? Имаше и такво нешто, но остана невидливо во сенката на воените дејства, стравот од нуклеарна војна, катастрофите, човечкиот неморал… Е, да. Меѓу топ-вестите од годината што изминува може да се вброи и продорот на вештачката интелигенција. Но, за некои и тоа не е добра вест.

Европскиот парламент сврти кон десно

Европскиот парламент сврти кон десно со изборот на новиот состав. И првпат во европските пратенички фотелји седнаа и млади луѓе без никаква врска со политиката. Битно е тоа што со  „занимање“ тиктокери, инфлуенсери…, тие победија познати политичари на изборите.

Не само луѓето, дива беше и природата

Не само луѓето, дива беше и природата. Урагани, невремиња, поплави беснееја низ светот. Илјадници луѓе загинаа, илјадници останаа без покрив над главата. Не мируваа ни почвата ни вулканите. Климатските промени на кои се предупредува долги години, ги покажаа забите. Секој месец се уриваа температурни рекорди, па зад нас останува најтоплата година откога постои мерењето на температурата. Научниците велат дека ни претстои уште потопла.

 

ИЗДВОЕНИ