Директорот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека возачот на неговиот тим Џорџ Расел е меѓу тројцата најдобри возачи на почетокот на овогодишниот шампионат во Формула 1. Расел заврши на третото место на првите две трки во Австралија и Кина и заостанува девет бода зад лидерот во шампионатот, Ландо Норис од Мекларен.
Британецот е прва виолина на Мерцедес откако Луис Хамилтон се пресели во Ферари, а вози со младиот Кими Антонели, кој дебитира во Формула 1 оваа сезона.
- Никогаш не давам 10 од 10 затоа што мислам дека секогаш може подобро. Не беше совршена трка, но со оглед на околностите што ги имаше Џорџ во Кина, тој има 10 од 10. Извлече максимум од болидот, гумите, стратегијата и тоа беше брилијантно возење од страна на Џорџ. Тој е еден од најдобрите возачи на гридот, во ТОП3, истакна Волф, а пренесе „Скај спортс“.