Со официјалното пуштање во употреба на Системот за заедничка гранична контрола на патници и стоки со едно застанување (One stop shop) на граничниот премин Блаце – Елез Хан со Косово поминуваме во нова фаза на односи меѓу нашите две држави, истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Со овој проект, порача, отвораме ново поглавје на поврзаност, побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство помеѓу нашите две држави.
Тој нагласи дека благодарение на посветеноста на двете влади, на министерствата за внатрешни работи и на граничните служби за помалку од една година со изградба на нова физичка и дигитална инфраструктура добиен е вистински функционален систем што овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.
-Ова е резултат на Договорот помеѓу двете влади и Протоколот што го уредува начинот на гранични и царински контроли, инфраструктурата, размената на податоци и поделба на трошоци. Целта е јасна – побрзо, поедноставно и побезбедно преминување на границата, рече Тошковски по свеченото пуштање во работа на Системот за заедничка гранична контрола на патници и стоки со едно застанување.
Тоа, како што рече, за патниците значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконските активности.
Неговиот косовски колега Џељаљ Свечла посочи дека денешното пуштање во употреба на Системот за заедничка гранична контрола на патници и стоки со едно застанување претставува значаен чекор на соработка помеѓу двете држави со конкретен резултат кој придонесува за олеснување на меѓународниот проток и приближување на граѓаните од двете земји.
-Денеска крунисуваме проект на нашите институции за внатрешни работи со кој се олеснува контролата на овој граничен премин и на граничниот премин Глобочица. Тоа несомнено е рефлексија на нашите заеднички аспирации за отворени, но и безбедни граници. Форматот на граничен премин со само едно застанување веќе е успешно реализиран и со Република Албанија, а убеден сум дека ќе биде успешен и со Република Северна Македонија, рече Свечла, на свеченоста на која присуствуваа и премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти.
Како сојузнички земји, додаде, ќе продолжиме со соработка за обезбедување на безбедност со цел нашите земи на ниту еден начин да не бидат безбедна зона за одвивање на било каква илегална активност.
Граничниот премин Блаце е еден од најфреквентните во државава и годишно го користат преку 4,3 милиони патници. Тој е значаен за македонските и косовските граѓани, но и за меѓународниот транзит на луѓе и стоки.