„Топлина“ од охридското село Подмоље ќе копа јаглен и јаловина во рудникот Брод-Гнеотино за потребите на РЕК Битола. Договорот е вреден 24 милиони евра и важи за една година, но милионскиот колач „Топлина“ ќе го дели со партнери-подизведувачи. „Топлина“ претходно беше подизведувач на „Марковски компани“, која по смената на власта беше исклучена од тендерите во рударско-енергетскиот комбинат. Откако договорот со „Марковски компани“ беше раскинат лани во декември, „Топлина“ продолжи со работа како привремен оператор.

Според договорот потпишан со АД ЕСМ, „Топлина“ ќе треба да работи со три утоварувачи, 62 камиони кипери и 15 багери. Четириесет и четири машини треба да ангажира подизведувачот „Гранит“, тринаесет „Илинден АД Струга“ и по девет машини „Топ Билд“ и „Градба Промет“.

– Во период кога изведувачот нема да биде ангажиран, АД ЕСМ нема да има финансиски импликации. Станува збор за ангажман за период за период од една година или до исцрпување на средства предвидени во финансиска рамка, во зависност од тоа кој услов ќе биде прв исполнет – соопшти претходно ЕСМ.

Компанијата „Топлина“ во 2021 и 2022 година има остварени вкупни приходи од по околу 400 милиони денари, а во 2023 година приходите се двојно повисоки достигнувајќи над 770 милиони денари. Исто така, компанијата бележи раст на добивката која во 2021 гоина изнесувала 55,7 милиони денари, во 2022 била 51,4 милиони, а двојно е зголеман во 2023 година и изнесува 106,6 милиони денари.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ