Остануваат уште шест дена до почетокот на грејната сезона во Скопје. Од АД ЕСМ и нејзината компанија ЕСМ – Дистрибуција на топлина велат дека топланите се спремни за испорака за парно, но тоа не важи за стотина објекти во градот кои поради различни причини се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење.

– Од Центарот за грижа на потрошувачи добивме податок дека во моментов има 170 затворени објекти, од кои 27 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица. Во 43 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, додека 100 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот. Овие бројки секојдневно се намалуваат. Затоа, апелираме до потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација. Заедниците на станари или управителите на зградите треба да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) – велат од ЕСМ-Дистрибуција на топлина за весникот ВЕЧЕР.

За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075-400-100.

Од 30 септември почнаа и активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“. Веќе се монтирани две цевки од страната на „Ист Гејт“.

– Монтажата на топловодот ја врши изведувачот согласно со  неговата предвидена технологија. По завршување на предвидените активности од страната на „Ист Гејт“, ќе се започне со монтажа на цевки од страната на Транспортен центар. Поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел, комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона. До целосната реализација на зафатот, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ–ТО. Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури – информираат од компанијата.

Заклучно со септември, вкупно 62.579 потрошувачи, очекуваат топлинска енергија да потече во нивните радијатори, од кои 61.486 се домаќинства.

Набавката на природен гас е клучен елемент во регулаторната одлука за цената на парното. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на регулиран максимален приход за вршење на регулирана дејност -производство на топлинска енергија и тарифен став за 2024 година на Друштвото за производство на топлинска енергија ЕСМ Производство на топлина ДООЕЛ Скопје, од 30 јули годинава, прогнозираната количина на природен гас која ќе се потроши за период октомври-декември 2024 година е пресметана да изнесува 118.957.820 kWh, при што прогнозираната цена за набавка на природниот гас е 2,6747 ден/kWh, согласно фјучерсите на ТТФ берзата со вклучени трошоци за пренос, балансирање и маржа, со што прогнозираниот трошок за набавка на природниот гас изнесува 318.175.728 денари (5,2 милиони евра).

Во грејниот период октомври–декември 2024 година се прогнозира да се произведе количина на топлинска енергија во износ од 105.337.149 kWh, при што учеството на топланите во вкупната потребна енергија е прогнозирано на ниво од 40%.

(С.Бл.)