Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека не се исклучува можноста за скорешен телефонски разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Москва ќе избегне компромиси што ги загрозуваат животите. Висок руски извор изјави за „Ројтерс“ дека на претседателот Путин ќе му биде тешко да се согласи со идејата за прекин на огнот без да се договорат условите и без да добијат некакви гаранции. Друг руски извор, пак, посочува дека поголемата слика е тоа што САД се согласиле да ја продолжат воената помош за Украина и размената на разузнавачки информации, и го „украсиле“ овој потег со предлог за прекин на огнот. Шефот на канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, информира дека следуваат преговори за техничките детали за примирјето, кои ќе почнат следната недела
Рускиот претседател Владимир Путин сега е најважната фигура во напорите за прекин на војната во Украина, откако во вторникот во Џеда, американско-украински тим постигна договор за 30-дневно примирје, по што е одмрзната воената и разузнавачката помош од САД. Како што рече главниот американски преговарач, државниот секретар Марко Рубио по разговорите, сега топката е на руска страна. Тоа значи дека се чека да се види дали и под кои услови договореното меѓу САД и Украина ќе добие и руски параф.
-Силно ги повикуваме Русите да ги прекинат сите непријателства. Нема воено решение за овој конфликт, рече Рубио и потврди дека разговорите во Џеда вклучиле дискусии за тоа како треба да изгледа процесот на преговори, вклучително и разговори за територијални отстапки.
Според него, ако Русите одбијат, тоа ќе каже многу за нивните цели и начин на размислување. Рубио вчера информира дека уште во текот на денот ќе контактираат со Русија.
Путин молчи, но вчера се огласија портпаролот Дмитриј Песков и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Песков рече дека тие „не сакаат да донесуваат предвремени заклучоци“ и дека прво мора да добијат официјални информации од САД. Според него Кремљ не ја исклучува можноста за скорешен телефонски разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
– Не исклучуваме дека може да се појави темата за телефонски разговор на највисоко ниво. Ако се укаже таква потреба, ќе биде организиран многу бргу. Постојните канали за дијалог со Американците овозможуваат тоа да се направи во прилично кус рок, рече Песков.
Лавров во коментарите што вчера ги објавија руските новински агенции истакна дека Москва ќе избегне компромиси што ги загрозуваат животите. Тој исто така го повтори она што сега е вообичаен рефрен во Москва – нема да прифати присуство на војници на НАТО во Украина под никакви услови. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен тој ја нарече „фирер“, бидејќи ја мобилизирала Европа за ремилитаризација.
На предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот, што го прифати Украина претпазливо реагираа руски извори кои под велот на анонимност ги цитираа повеќе светски агенции. Генерално, тие посочуваат дека секој договор за ставање крај на војната во Украина ќе мора да го земе предвид напредокот на Русија и да одговори на загриженоста на Москва. Висок руски извор изјави за „Ројтерс“ дека на претседателот Путин ќе му биде тешко да се согласи со идејата за прекин на огнот без да се договорат условите и без да добијат некакви гаранции.
-Тешко е Путин да се согласи со тоа во сегашната форма. Путин има силна позиција бидејќи Русија напредува, изјави изворот на „Ројтерс“, појаснувајќи дека без гаранции за прекин на огнот, позицијата на Русија може брзо да стане послаба, а Западот потоа може да ја обвини Русија за неуспехот да се заврши војната.
Друг руски извор, пак, посочува дека поголемата слика е тоа што САД се согласиле да ја продолжат воената помош за Украина и размената на разузнавачки информации, и го „украсиле“ овој потег со предлог за прекин на огнот.
САД и Украина, како што е познато, на средба во Џеда, Саудиска Арабија, во вторникот по осумчасовни преговори постигнаа договор за 30-дневен прекин на огнот, кој може да биде продолжен со заедничка согласност на Русија и Украина. Договорот вклучува обновување на американската воена помош и размена на разузнавачки информации за Украина, за што американски извори вчера потврдија дека е реализирано. Целта на договорот е да се отвори простор за преговори со Русија, додека Украина се согласи да формира преговарачки тим и да работи на трајно решение за војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски не беше присутен на преговорите, но според украинското Министерство за надворешни работи, ја имал клучната улога во водењето на делегацијата, координирајќи ја украинската страна оддалеку. Шефот на неговата канцеларија Андриј Јермак, изјави дека следуваат преговори за техничките детали за примирјето, кои ќе почнат следната недела. Тој рече дека на маса биле неколку опции, а и сега ги има повеќе и додаде дека САД сега ќе разговараат со Русија за предлозите формулирани на состанокот со украинската делегација.
-По овој состанок, клучот го држи руската страна. Целиот свет ќе види кој навистина сака мир, а кој за него само зборува, заклучи Јермак.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно нагласи дека му е потребна долгорочна безбедност за Русија, а не привремено примирје.