Тони Стојановски, нов претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка – Скопје  

96

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор кој на новата функција ќе стапи по добиената согласност од Народната банка.

Во меѓувреме ќе ја преземе функцијата помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. До добивање согласност од Народната банка за нов претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, функцијата ќе ја извршува актуелниот претседател на Управниот одбор, Бранко Грегановиќ.

Тони Стојановски доаѓа од Стопанска банка Скопје каде што до неодамна, 15 години беше член на Управниот одбор на Банката. Од 2020 година, Стојановски е генерален директор за корпоративно банкарство, а во периодот помеѓу 2010 и 2020 година, тој беше и генерален директор за управување со ризици.

Пред да се приклучи на менаџерскиот тим на Стопанска банка Скопје, Стојановски извршуваше високи раководни функции во Народната банка вклучително и функцијата Генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност.

Тони Стојановски е банкарски професионалец со повеќедецениско работно искуство во финансискиот сектор и долгогодишен член на релевантни одбори и организации: Претседател на УО на Македонска берза АД Скопје, заменик-претседател на Македонската банкарска асоцијација и претседател на Надзорниот одбор на Стопанска Лизинг Скопје. Тој е магистер на економски науки од областа на монетарната економија, сопруг и татко на две деца.

– Почестен сум од довербата да бидам именуван за претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Ја прифаќам оваа улога со благодарност и уште поголема одговорност. Посветеноста на тимот на Банката кон напорна работа и колективната посветеност за постигнување врвни резултати, доволно зборува за потенцијалот што оваа Банка го има за да ги постигне своите цели и да ја исполни својата мисија – истакна Стојановски по седницата на Надзорниот одбор.

– Промените се дел од процесот на развој и составен дел од растот на Банката. Драго ми е што можам да кажам дека НЛБ Банка Скопје е добро подготвена да се соочи со идните предизвици. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на Тони за именувањето и да му посакам многу деловни успеси и лично задоволство во новата улога – рече Грегановиќ.