Веќе извесно време се зборува за ново кошаркарско натпреварување кое би било организирано од страна на НБА, Евролига и ФИБА, а сега со свој коментар излезе и поранешниот кошаркар на Сан Антонио Спарс, Тони Паркер.
Паркер рече дека лично го контактирале најважните луѓе во лигата, комесарот на лигата Адам Силвер и шефот за комерцијални операции на НБА, Марк Тејтум, и дека разговорите се во тек.
- НБА ме контактираше и сега сме во разговори. Имав состанок со Адам Силвер и Марк Тејтум. Идејата е да разговараме за европската кошарка и да ги вклучиме сите: НБА, Евролигата и ФИБА. Сè е јасно, изјави Паркер.
Тој смета дека идната соработка меѓу трите организации ќе донесе „нешто што досега не е видено“.
- Без разлика дали ние во Европа ќе постигнеме договор или НБА ќе дојде сама, треба да се фокусираме на спојување или партнерство. Би сакале да учествуваме, но целта е да ги здружиме силите за да создадеме нешто што досега не сме го виделе, а притоа да се осигуриме дека ниту еден европски гигант нема да биде изоставен, прокоментира Паркер.