Извршниот комитет на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) препорача вклучување на боксот во програмата на летните Олимписки игри 2028 во Лос Анџелес, со што се става крај на долгогодишната сага за олимписката иднина на спортот.
- По привременото признавање на Светската боксерска федерација во февруари, бевме во позиција да ја донесеме оваа одлука, така што оваа препорака мора да оди на седница, рече претседателот на ИОК, Томас Бах, на прес-конференција.
Препораката сега ќе биде ставена на гласање на седницата на ИОК во Грција, оваа недела и се очекува лесно да помине. Натпреварот во бокс на Игрите во Париз 2024 го водела ИОК, откако на Меѓународната боксерска федерација во 2023 година и беше одземено признанието поради неуспехот да ги спроведе реформите во управувањето и финансиите. ИОК не го вклучи спортот во почетната програма за Игрите во Лос Анџелес во 2028 година, откако ги повика националните боксерски федерации да основаат ново глобално тело. Светскиот бокс, кој сега има повеќе од 80 национални федерации како членки, беше лансиран во 2023 година.