Скопје како главен град, има долгогодишната криза со аерозагадувањето, бидејќи е локација која доживува забрзана урбанизација, а воздухот што го дишат неговите граѓани е токсичен коктел на емисии од честички настанати од загревање од домаќинствата, сообраќајот и индустриските загадувачи. Странски интернет платформи за мерење на квалитетот на воздухот покажуваат дека скопјани дишат нездрав воздух со концентрации на ПМ честички многу пати над дозволените граници
Загадениот воздух не засега сите, особено повеќето кои живееме во урбани средини каде аерозагадувањето и најмногу се чувствува, бидејќи освен смогот и маглата кои и кумуваат на оваа појава, дополнително параметрите на воздухот што го дишеме ги зголемува влијанието на прекумерната урбанизација која носи повеќе возила, издувни гасови, многу нови оџаци.
Скопје како главен град, има долгогодишната криза со аерозагадувањето, бидејќи е локација која доживува забрзана урбанизација, а воздухот што го дишат неговите граѓани е токсичен коктел на емисии од честички настанати од загревање од домаќинствата, сообраќајот и индустриските загадувачи.
Особено воздухот е токсичен кога има смог или ќе падне магла и тогаш скопјани веднаш се фаќаат за телефонот и отвораат странски интернет платформи за мерење на квалитетот на воздухот како што се на пример Air Visual, IQ Air, WAQI…кои ги објавуваат концентрациите на ПМ честичките, некои во реално време, а некои на секој час
Така, платформата IQ Air денеска покажа дека со индекс на загаденост од 187, Скопје беше на 7 место на оваа неславна светска листа со оценка на воздухот како нездрав. Скопје е рамо до рамо со азиските градови Лахор во Пакистан, Делхи во Индија и Вухан во Кина. Податоците за аерозагдувањето на Скопје ги проверивме и на светскиот мониторинг сервис WAQI. На мапата на WAQI се прикажани мерните станици во Скопје и сите покажуваа загадување неколку пати над дозволеното.
Големото загадување на воздухот е потврдено и со извештајот на сајтот на МЖСПП од Македонскиот информативен центар за животна средина и за 3 јануари среднодневните концентрации на суспендирани честички со димензија до 10 микрометри беа над рамките на граничната вредност на мерните места Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кичево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес 2, Кавадарци, Куманово и Струмица.
Анализите направени изминатиот период потврдуваат дека аерозагадувањето се должи и на отежнатата дисперзија, појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци; урбанистичките фактори, лановите и локациите на изградените објекти, при што некои големи емитери се сместени во урбаното јадро, како и урбанистичката поставеност на објектите која не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер.
Последната студија за откривање на изворите на загадувањето во Скопје е изработена врз основа на едногодишно континуирано истражување на пет локации. Според професорот Дејан Мираковски, греењето на домовите, односно согорувањето биомаса е главниот извор на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје и тоа во најголема мера придонесува за надминување на дозволените гранични лимити на суспендираните цврсти честички. Мираковски вели дека екстремното загадување се јавува сезонски и различно за одреден дел од годината. Тој посочува дека емисиите од биомаса можат да учествуваат и до 60 проценти во вкупната маса на суспендирани честички, потоа доаѓаат изворите како што се согорувањето на мазутот и на нафтата, кои, исто така, имаат сериозен удел, па дури потоа доаѓаат другите извори.
Од „Шанса за Центар“ минатата година објавија мапа на сите јавни објекти во Скопје кои, според склучените договори објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, ги загреваат просториите на нееколошки начин. Мапата покажа дека болници, градинки, училишта, касарни, судови се дел од речиси 700. јавни објекти на територијата на Македонија, од кои стотина во Скопје, кои се греат на нафта и на мазут и кои и оваа зима продолжуваат да го загадуваат воздухот.
Министерот за животна средина, Изет Меџити потсетува дека нашата земја презема активности за подобрување на квалитетот на воздухот преку спроведување на краткорочни превентивни мерки кои веќе стапија на сила во оваа грејна сезона на национално ниво, како и од други надлежни институции. Исто така, МЖСПП изготви програмски пакет кој опфаќа мерки за намалување на емисијата на честички од домашните ложишта, како и од јавните објекти, од индустриските процеси и од возилата и насоки како да се управува со таквите емисии. Направена е и анализа на причинителите на аерозагадувањето, како и анализа на проектите за решавање на дел од проблемот во урбаните средини со степен на реализација, финансиска и временска рамка, надлежни институции.
– Секој проект е дополнително разработен со план на активности, буџет, извори на финансирање, имплементација во соработка со надлежната институција. Дефинирани се индикаторите за следење на реализацијата на проектот, кои се следени од надлежните институции и за тоа известуваат до Владата – вели министерот за екологија, Изет Меџити.
Во Извештајот на Светска банка се нотира дека луѓето во многу делови на Македонија се изложени на поголемо загадување на воздухот со отровни честички отколку нивните соседи во Западна Европа. Оттаму нагласуваат дека ова особено важи за жителите на урбаните средини, како Скопје и Тетово.
– Иако квалитетот на воздухот е подобрен од 90-тите години на минатиот век, нивоата на загаденост на воздухот остануваат високи на повеќето урбани локации, особено во студените зимски месеци. Во Скопје просечните годишни концентрации на ПМ2,5 честичките достигнуваат осум пати од дозволените според СЗО 5 мг/м3, додека во Тетово нивото на загаденост може да достигне дури 10 пати повеќе од овој праг – се нотира во прегледот на Светска банка за управување со квалитетот на воздухот во Македонија.
Од Светка банка предупредија дека загадениот воздух во земјава годишно убива околу 2.800 жители. УНИЦЕФ, пак, неодамна објави документ, според кој 1 од 9 смртни случаи на новороденчиња се поврзани со загадениот воздух, што е 11,6 отсто од смртноста кај деца на возраст до една година. Годишниот економски трошок поврзан со здравствената штета од загадениот воздух во земјава се проценуваат на просечни 1,7 американски долари, што е еквивалентно на 15,9 отсто од БДП во 2016 година.
Во државниот Буџет за оваа година се планирани рекордно најмногу пари за животната средина, но тие средства ни оддалеку нема да може да ги решат горливите еколошки проблеми. Станува збор за сума од 103,4 милиони евра, што е 1,36 % од вкупно планираните буџетски средства. Така, за намалување на аерозагадувањето, во буџетот за 2025 година нема пари за оваа намена. Исто така, нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот…
Врховниот суд на 28 октомври оваа година го објави начелниот став во врска со загадувањето на животната средина, според кој, граѓаните можат да ја тужат државата пред Управниот суд за да го остварат правото на здрава животна средина.
– Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните. Во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија со кои се повредуваат уставно загарантираните права и слободи, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и со другите закони – се потенцира во начелниот став на Врховен суд.
Вкавиот став на највисокиот суд во државата за правникот Бојан Трпевски од Здружението на млади правници е позитивен исчекор бидејќи, на некој начин, ја носи дебатата за овие прашања во судовите и во правосудната фела.
– Начелниот став на Врховниот суд утврдува дека правото на здрава животна средина е индивидуално право и дека државата може да го повреди или со сторување или со непостапување согласно со законските надлежности. Треба да се почека да се види како ќе го применат судовите овој начелен став и она што го укажува Врховниот суд – за ваквите спорови да се применува Законот за управни спорови кога не е предвидена друга постапка и друга надлежност на друг суд – вели Трпевски.
(С.Бл.)