Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и
директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, денес потпишаа
Меморандум за соработка, кој поставува основа за заеднички активности и
иницијативи во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини.
Меморандумот ја отсликува посветеноста на двете институции за унапредување на
податоците и политиките, како и за поддршка на економскиот и енергетскиот развој во
земјата.
Целта на овој меморандум е воспоставување рамка за соработка меѓу двете
институции, со цел ефикасни, релевантни и точни статистички податоци за креирање на политики и стратешко планирање.
– Со потпишувањето на овој меморандум, поставуваме основа за долгорочна и
продуктивна соработка која ќе резултира со подобрување на податоците, анализите и ефикасноста во процесите што ги движат енергетиката и економијата – истакна министерката Божиновска.
Директорот Станков додаде дека меморандумот претставува значаен чекор за
унапредување на статистичките податоци во областа на енергетиката, што е клучно за
носење информирани одлуки и следење на трендовите.
Двете институции тесно ќе соработуваат во размена на податоци и информации. Со цел обезбедување на ажурирани и точни статистички податоци за енергетскиот и
рударскиот сектор, вклучувајќи производство, потрошувачка и извоз на енергија, како
и релевантни податоци за обновливи извори на енергија.
Спроведување заеднички анализи за идентификување на трендови и предизвици во овие сектори, со цел подобрување на енергетската ефикасност и одржливост.
Обезбедување на релевантни статистички податоци за формулирање на енергетски како и политики и стратегии во областа на рударството и минералните суровини, кои ќе придонесат за економскиот развој на земјата.
– Оваа соработка ќе овозможи подобро разбирање на енергетските потреби и ресурси на земјата, што е од клучно значење за планирање и имплементација на енергетски проекти и иницијативи. Дополнително, ќе се поттикне транспарентноста и достапноста на податоците за јавноста, што ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите и нивните активности – велат од МЕРМС.