Разни игри, базени и преполни кафулиња. Ваква беше сликата во скопскиот Аквапарк до минатото лето. Оваа летна сезона, Аквапаркот, кој нудеше интересни содржини за сите возрасти со кристално чиста вода во базените по сите светски стандарди, сега е под клуч. Тобоганите на кои се забавуваа младите сега се покриени со кал, а базените изгледаат како мочуришта.

Намерници, кои не знаат дека е затворен овој рекреативен центар, доаѓаат пред затворените врати и се чудат во каква состојба е. Минатите лета, Паркот беше преполн и се чекаше редица за влез.

Раководството на СЦ „Борис Трајковски“ изјави за весникот ВЕЧЕР дека не знае дали воопшто ова лето ќе биде пуштен во функција Аквапаркот.

– Имаме проблеми со Аквапаркот, кои се од техничка природа. Не знаеме и ние точно кога и дали воопшто ќе биде отворен оваа сезона. Пробуваме да се справиме со проблемите, но ништо не се знае – велат од СЦ „Борис Трајковски“.

Во Аквапаркот има десет атрактивни тобогани, базен со бранови, бумеранг, детски базен, детско катче за забава во песок, кафе-бар, санитарни јазли, соблекувални и прва помош. Исто така, под самиот објект се наоѓаат стандардизирани машински сали и современ систем за филтрација на водата.

Почна да се гради во 2013 година и изминативе години беше вистинска атракција за жителите на Карпош и на Скопје, но и пошироко за сите домашни и странски туристи, кои доаѓаа да се забавуваат.

А, топлотниот бран се враќа во Македонија, неделава ќе се вариме на +40.

– Следува период на претежно сончево и многу топло време, со пораст на дневната температура, која насекаде ќе биде над 30, а наместа ќе достигнува 40 степени – информираа од УХМР.

(С.Бл.)