„ТОА НЕ Е НАША РАБОТА“ – се огласи Кремљ по вториот обид за атентат на Трамп

428
EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Кремљ ги следи информациите кои доаѓаат од САД пред претседателските избори и во врска со вториот обид за атентат врз Доналд Трамп, изјави на брифингот претседателскиот прес секретар Дмитриј Песков.

– Тоа навистина не е наша работа. Ги следиме информациите кои доаѓаат од САД – рече тој, коментирајќи ја веста за вториот обид за атентат на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

– Гледаме дека има тензична ситуација меѓу политичките ривали, политичката борба се интензивира, се користат различни методи. Внимателно следиме, но никогаш на ниту еден начин не сме се мешале во тоа и не се мешаме ниту сега – рече Песков.

Коментирајќи ја потенцијалната поврзаност на напаѓачот Рајан Весли Рут со Украина, тој истакна: „Прво, тоа треба да биде голема грижа и главоболка за американските специјални служби“.

Претходно ТВ „Фокс њуз“, повикувајќи се на извори, објави дека за обидот за убиство на поранешниот американски претседател е уапсен 58-годишниот Рајан Весли Роут, жител на Хаваи.

Пукањето се случило во неделата во голф-клубот каде што бил Трамп. Според полициските информации, припадници на Тајната служба отвориле оган врз натрапникот кој се криел во грмушките. Мажот се обидел да побегне со автомобил, но бил уапсен. На местото каде што е забележан е пронајдена автоматска пушка АК-47 со оптички нишан, два ранци и камера GoPRro. Во истрагата се вклучи и ФБИ, американските власти инцидентот го оценуваат како обид за убиство на Трамп.