Тлото не мирува: Над 20 земјотреси на Санторини во текот на ноќта, последниов утрово беше најсилен

42

Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала е регистриран утрово во 9 часот и 16 минути, во Грција, на Санторини. А потоа во 9:36 следеше удар од 4,8 степени по Рихтер.

Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во област со географски координати од географска ширина 36,62 и географска должина 25,7.

Епицентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓал на длабочина од приближно 10 километри под површината на земјата.

Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.

Претходно, земјотрес со јачина од 3,4 степени беше регистриран во 8 часот и 33 минути. а две минути пред тоа имаше земјотрес со јачина од 3 степени. Истата јачина на земјотресот е забележана и во 7 часот и 54 минути. А нешто после 7 часот имаше земјотрес со јачина од 3,4 степени.

Од полноќ на Санторини се регистрирани повеќе од 20 земјотреси.

Прогласена вонредна состојба, илјадници евакуирани
Вонредна состојба е прогласена на грчкиот остров Санторини по серијата силни земјотреси кои со денови го потресуваат, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат. Најсилниот земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала го погоди островот во средата вечерта, а се случи на длабочина од пет километри, по излив на сеизмичка активност.

Илјадници луѓе го напуштија Санторини и околните острови во Егејското Море поради стравувањата дека допрва треба да дојде уште еден – многу поинтензивен – земјотрес, кој може да предизвика цунами или дури и вулканска ерупција.

Грчките власти претходно најавија драстични мерки кои ќе важат до 1 март.

„Со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита, општина Тира прогласува вонредна состојба, заради решавање на вонредни потреби и справување со последиците од сеизмичката активност што во последно време се случува на споменатото подрачје. Оваа одредба ќе биде на сила до 1 март“, се наведува.

ИЗДВОЕНИ