Tинејџерот што доживеа струен удар качен на вагон е во критична состојба

58

Седумнаесетгодишното момче, кое вчера доживеа струен удар додека било качено на цистерна-вагон, се наоѓа во критична состојба и лекарите вложуваат напори за спасување на неговиот живот, изјавиле попладнево од Ургентниот центар за МИА.

Момчето било примено со изгореници и е хоспитализирано на интензивна нега.

„Пациентот примен преку Ургентниот центар вчера со изгореници е во критична состојба и хоспитализиран на интензивна нега. Медицинските тимови ја пружаат потребната здравствена заштита, согласно медицинските протоколи и прават максимални напори за спасување на неговиот живот“, велат од Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Како што информираа вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР), момчето доживеало струен удар додека било качено на на цистерна-вагон на пругата во скопска населба Кисела Вода. Според МВР, во инцидентот цистерната се запалила, а момчето со Итна помош е пренесено во Ургентниот центар.

Инцидентот се случил вчера попладне во 14:55 часот. Засега не се познати причините за несреќата.

Во сличен инцидент во февруари 2023 година во скопски Илинден почина 14-годишно девојче откако качено на вагон доживеа струен удар по допир на жица за струја со висок напон.

ИЗДВОЕНИ