Шеснаесетгодишен возач на мотор загина во сообраќајка во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“. Според првичните сознанија по направениот полициски увид, тинејџерот управувал без возачка дозвола, без заштитна кацига и со голема брзина. Додека брзо возел со моторот, не успеал да избегне електричен тротинет на кој се возел друг 14-годишен малолетник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди, од кои починал на самото место, додека малолетникот што управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување.
Според ОЈО Скопје, се обезбедуваат и се прегледуваат снимките од видеонадзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот што управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции.
Пред неколку дена, исто така во населбата Чаир, се случи сообраќајка – мотоциклист без возачка дозвола, со голема брзина поминал на пешачкиот премин каде што во моментот поминувале ученици од ОУ „Васил Главинов“. Удрил во 10- годишно девојче, кое било однесено во болница, со скршеници. Триесет и тригодишниот скопјанец кривично ќе се гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а судот му одреди мерки на претпазливост. (П. А.)